1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Папата позитивно ги изненади Американците

Папата Бенедикт 16-ти не е медиумска ѕвезда како неговиот претходник. Но, за време на тукушто завршената посета на САД умееше како да поентира со важни теми и на Американците малку да им го доближи ним туѓиот Ватикан.

default

Папата Бенедикт 16

Американците не знаеја многу за овој Папа, освен можеби дека некогаш порано бил Германец. Тоа недоволно познавање во никој случај нема врска со игноранција или можеби со предрасуди спрема „старата Европа“, што ја симболизира, не без право, токму Ватикан, туку побргу произлегува од фактот дека САД како нација се под белег на протестантизмот. Иако од 300 милиони граѓани 70 милиони се католици, нивното присуство во секојдневниот живот е минимално забележливо. Поради тоа на Папата се гледаше како на државен гостин од Рим, проповедник на некоја можеби добра работа - и толку.


Бенедикт предизвика вчудовидување, зафаќајќи се со дотогашната табу-тема


А и оние, кои малку повеќе се занимаваа со Бенедикт, не очекуваа премногу: како Папа тој досега не доби посилни контури, а во скандалот со 4 илјади свештеници-педофили во американската католичка црква со години се практикуваше принципот по можност за тоа да не се зборува. Но, Бенедикт го стори токму тоа и го предизвика првото позитивно вчудовидување: уште пред да стапне на американска почва, за време на летот кон Вашингтон, тој се зафати за таа тема и пред вклучените камери на големите американски телевизиски станици искажа шокираност и срам поради нечуените инциденти.

Тоа беше мудро и секако не спонтано признание, оти од тој момент натаму посетата на Папата стана тема, а Бенедикт доби публика; тоа му донесе многу повеќе отколку само фолклористички интерес. Публиката повторно се вудовиде кога Папата сосем изненадувачки се сретна со жртвите на скандалот и, конечно, во проповедта во катедралата Свети Патрик во Њујорк ја повика сопствената црква на прочистување.


Респект за посетата на синагога


Но, Бенедикт имаше уште повеќе да понуди: со почитување и благонаклоност беше примена и неговата посета на една њујоршка синагога. Тој гест можел првобитно да е замислен како ограничување на штетата поради христијанско-еврејските недоразбирања по традиционалната молитва за Велипеток (во која беше повикано на „просветување“ и „спасение“ на Евреите од христијанскиот Господ). Но, американските набљудувачи како историски момент ја оценија средбата во синагогата на Рабинот Шнаер, Австриец по раѓање кој го преживеа холокаустот, и Бенедикт, некогаш член на Хитлерјугенд - иако не доброволно, и учесник во војната. Тие се изјаснија за еврјеско-христијански дијалог и меѓусебно сосем отворено, срдечно и пријателски разговараа на германски јазик.


Американците сега имаат јасна слика за Папата


Бенедикт можеби жали што со оглед на тој смел однос спрема иритирачките теми брзо падна во сенка говорот во ОН, претходно замислен како кулминација на патувањето. И без тоа, побргу филозофски поставениот текст на говорот не ги исполни очекувањата, секако и поради тоа што Бенедикт не се искажа за актуелните конфликти и само крајно претпазливо меѓу редови ја зафати и познатата неспособност за самореформирање на светската организација.

Но, по речиси една недела константно присуство на Папата во американските медиуми, тамошните граѓани сега имаат изострена слика за Бенедикт 16-ти. Таа е под белег на признание и респект, и на сознанието дека кај овој Папа има многу работи вредни да се забележат, а не само црвените чевли.