1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Папата во Светата земја

Посетата на папата на светите христијански места е веројатно неговата досега најважна. Бенедикт Шеснаесетти прво оди во Јордан, потоа в понеделник продолжува за Израел. Посета полна камења на сопнување.

default

Во пресрет на посетата на папата во Витлеем

Никогаш немало толку очекувања. Христијаните, Евреите, муслиманите во Светата земја врзуваат надежи за доаѓањето на папата, чекаат охрабрување и објаснувања. Просторот за маневри, за одмерени зборови и гестови, е минимален. Затоа експертите во оваа посета ги гледаат најважните денови за Понтификатот. Бискупот Салем Ал Сајег е римо-католички патријархален викар на Јордан. „Ова патување е аџилак“.

Palästinenser Israel Vatikan vor Papst Besuch Plakat in Bethlehem

Папата и се најави како аџија во Светата земја. Тоа значи, не доаѓа како светски политичар, не како посредник во израелско-палестинскиот конфликт и не како спасител во спорот меѓу Западот и исламот. И покрај тоа, турнејата на папата е дипломатски ризичен потег, зашто Светата земја не е само политички, туку и екуменски и интеррелигиозно минирано подрачје. Амбасадорот на Ватикан во Јордан, нунциј Франсис Асиси Хуликат, знае дека исламските кругови го одбиваат доаѓањето на Бенедикт: „Тој доаѓа на директна покана на кралот, значи, како негов официјален гостин, затоа е повеќе од добредојден за луѓето, и покрај непријателските гласови од одредени групи“.

Јакнење на умерените муслимански сили

Папата со својата посета ги јакне муслиманските сили кои се подготвени на дијалог. Неговата почит за исламот ја покажа при посетата на големата Џамија на крал Хусеин во Аман, смета вицепретседателот на германското здружение од Светата земја и експерт за Блиски Исток од Германската бискупска конференција, Херман Јозеф Гросимлингхаус. „Кралот и пред се‘ чичкото на кралот, принцот Хасан, како персонификација на јорданската кралска куќа, во последните години направија многу напори и го форсираа интеррелигиозниот дијалог“.

Гросимлингхаус го смета Јордан за пример за христијанско-исламска коегзистенција на Блискиот Исток. Христијаните и туристичката индустрија во земјите околку Јордан се надеваат на рекламниот ефект од аџилакот на папата, исто како и Сајег, латинскиот бискуп од Јордан, кој се интересира пред се‘ за поголемо признание за својата област. „Во овие денови тој ќе го привлече вниманието на сите христијани врз светите места во Јордан, кој е интегрален дел од Светата земја. И овде има свети места, не само во Израел и во Палестина“.

Очекувана порака до христијаните

Поради економската беда и недоволната поддршка, бројот на христијаните во Израел, Палестина и Јордан значително се намали. Затоа бискупот Сајег и другите црковни водачи во регионот целта на посетата на папата ја гледаат во запирањето на

Palästinenser Israel Vatikan vor Papst Besuch Plakat in Bethlehem

Плакат за посетата на Папата

овој тренд. „Конечно, на христијаните едноставно ќе им помогне ако им биде речено, останете каде што сте, во својата земја. Вашата мисија е да останете да живеете овде, со вашите пријатели и со муслиманите. Вие мора да бидете сведоци на Исус Христос, овде, во оваа земја“.

Христијанско-еврејските односи беа оптоварени со аферата со Вилијамсон, негаторот на холокаустот, и со плановите за прогласување светец на папата Пиј 12. Сега папата на првиот ден од посетата на Израел ќе оди во споменикот на холокаустот, Јад Вашем, но не и во музејот, зашто таму жестоко беше критикуван папата Пиј 12. Можеби за да не дотура масло врз огнот, папата ја изостави посетата на завојуваниот Појас Газа и на Ѕидот кај Витлеем. Навистина деликатна турнеја и тоа од папа кој досега не покажа секогаш голем политички слух.

Но, тоа не е причина за страхување за турнејата, смета папскиот нунциј Хуликат: „Мислам дека не е така. Мислам дека ова ќе бидат исклучително радосни денови за Светиот отец, кој доаѓа во Светата земја. Овде е изворот на нашата вера, верувам дека тој ќе ужива да биде овде, заедно со христијанската заедница“. Христијаните во Јордан се радосни. Бенедикт Шеснаесетти кај нив останува четири дена, не само еден, како папата Јован Павле Втори.


Автор: Тео Диркес / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска