1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Папата во посета на “Сината џамија“ во Истанбул

Како втор Папа во историјата, Бенедикт 16-ти вчера посети една џамија. Во придружба на големиот муфтија од Истанбул, тој влезе во славната “сина џамија“ , најпознатиот храм на муслиманите во цела Турција.

Турски полицајци спроти посетата на Папата на „сината џамија„ (во заднина)

Турски полицајци спроти посетата на Папата на „сината џамија„ (во заднина)

Посетата на “сината џамија“ беше сигнал на помирување меѓу христијанството и исламот. Гест што беше неопходен особено по спорниот цитат што Папата Бенедикт 16-ти го употреби во говорот од Регенсбург.

При посетата на светилиштето муфтијата на Истанбул Мустафа Чагричи гласно се молеше според муслиманскиот обичај, а за тоа време и Папата со прекрстени раце се задлабочи во молитва. Пред посетата на џамијата, Бенедикт 16-ти беше и во оближната црква Света Софија, што порано важеше како најголем христијански храм во светот. По освојувањето на Константинопол од страна на султанот Мехмет во 1453. таа беше претворена во џамија, а денес служи како музеј.

Претпладнето од третиот ден на посетата на Турција Поглаварот на Католичката црква имаше уште една средба со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. При тоа тие потпишаа декларација за натамошно приближување меѓу двете цркви. Во неа како цел се означува потполното обединување на источната и западната црква. Во разговорот со Вартоломеј Бенедикт ја означи поделбата на христијанската црква како “скандал за светот“:

“Можам да ви ветам дека католичката црква е подготвена да стори се‘ за да се надминат пречките и да бара патишта за пасторална соработка со православните браќа и сестри во таа насока.“

Бенедикт 16-ти го покани водачот на православието на дијалог околу позицијата на Папата, што е еден од клучните проблеми во доближувањето, бидејќи православните не го признаваат авторитетот на Понтифот од Ватикан како од Бога даден и со тоа како непогрешлив.