1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Папата Бенедикт Шеснаесетти останува на својот курс

За едни тој е визионер на христијанската екумена, за други ултраконзервативен борец против реформи – папата Бенедикт 16-ти го следат критики и пофалби на неговиот 85-ти роденден. За себе сака малку мир...

„Малку мир, благослов Божји и здравје“ – тоа според зборовите на Георг Ратцингер е она што неговиот брат Јозеф, сегашниот Папа Бенедикт Шеснаесетти, си го посакува за 85-от роденден. Но таа желба нема да може да му биде исполнета. По повод неговиот роденден во Ватикан ќе пристигнат гости од целиот свет, а Папата го очекува напорна програма. Но, како што постојано повторува неговиот гласноговорник Федерико Ломбарди, тоа за Бенедикт Шеснаесетти нема да биде никаков проблем, бидејќи тој е со одлично здравје.

85. Geburtstag von Papst Benedikt XVI.

На 19.04.2005 Јозеф Рацингер беше избран за Папа во Сикстинската капела во Ватикан

Јозеф Алојзиус Рацингер, како што гласи неговото граѓанско име, е роден на 16.04.1927 година во горнобаварското место Марктл ам Ин на југот од Германија. Пораснал во многу строго религиозно семејство, се определил за свештенство и докторирал на теологија, по што предавал на универзитетите во Бон, Минстер, Тибинген и Регенсбург. Тој за кратко време успеал да се искачи во црковната хиерархија. На 50-годишна возраст станал минхенски надбискуп, а во 1991-ва година папата Јован Павле Втори го повикал на местото перфект на конгрегацијата за доктрина на верата во Ватикан. По неговата смрт Рацингер стана нов Папа.

Неговата визија – екумена и дијалог

Една од неговите главни цели, барем тоа така го формулираше Бенедикт Шеснаесетти, е поттикнувањето на екуменскиот процес и дијалогот меѓу светските религии. Како Папа кој доаѓа од татковината на Мартин Лутер, Рацингер најави завршување на „леденото доба“ во екумената со протестанската црква. Тоа меѓу протестантите разбуди надеж, но таа за сега не е исполнета.

Нешто повеќе направи на полето на екуменскиот дијалог со православната црква. Во 2006-та година тој повторно го покрена католичко–православниот дијалог и се сретна со патријархот Вартоломеј Први во Истанбул. Тоа беше историска средба на двајцата верски поглавари.

Приближување, но не кон сите

85. Geburtstag von Papst Benedikt XVI. Pius-Bruderschaft Williamson

Бискупот Ричард Вилиамсон беше уапсен на лондонскиот аеродром во 2009 поради негирањата на холокаустот

Амбивалентноста на склоноста на Папата за градење мостови и воспоставување дијалог се виде и во случајот на рехабилитацијата на нелегално поставениот бискуп на ултраконзервативното Братство на светиот Пиј. Во 2009-та година тој ја поништи одлуката за исклучување на четворица свештеници од таа организација од црковните редови. Меѓу нив беше и Ричард Вилијамсон, свештеник кој во јавноста го негираше Холокаустот и постоењето на нацистичките логори во текот на Втората светска војна. Лавината критики врз него, посебно од Германија, од една страна го изненади Папата, а од друга страна покажа колку е голем процепот помеѓу него и базата во неговата татковина.

Ако во Германија по устоличувањето на Рацингер владееше еуфорија, со текот на времето се прошири разочарување од конзервативната политика на Бенедикт Шеснаесетти.

Досега најголема криза за него претставуваа големиот број откриени случаи на сексуално злоставување деца од страна на католичките свештеници во интернатите и училиштата. Бранот од тој скандал ги зафати САД, Италија и Германија, а папата Бенедикт Шеснаесетти молчеше. Долго траеше додека католичката црква да го признае својот грев.

Да се зачува традицијата, а не да се реформира

За многумина папата Бенедикт Шеснаесетти е само еден стар човек зад ѕидовите во Ватикан, конзервативен теолог оддалечен од вистинскиот свет и неговите проблеми. Но, на своите патувања, кои не се ниту така чести ниту, пак, толку спектакуларни како на неговиот претходник Јован Павле Втори, тој знае да ги воодушеви луѓето, посебно младите. Често Јозеф Рацингер делува како медиумска ѕвезда против своја волја.

Како Папа тој си постави за цел да ја направи католичката црква поатрактивна и поотворена кон иднината. Неговата формула за успех е јасна и едноставна – да се зачува традицијата, а не да се реформира.