1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Папата апелираше за мир и солидарност

Поглаварот на римокатоличката црква, Бенедикт 16, во божикниот говор се заложи за мир во Светата земја и Африка и побара солидарност во справувањето со иднината којашто е се’ понеизвесна.

default

Папата Бенедикт 16 по четврти пат испрати божикна порака

Десетици илјади луѓе се собраа на плоштадот пред црквата Свети Петар во Рим за да ја слушнат традиционалната божикна порака на Папата, позната како „урби ет орби“ (До градот и светот). Бенедикт 16 повика на „солидарност“ во светот соочен со иднината којашто е се’ понеизвесна, дури и за земјите коишто живеат во изобилство.

„Светоста божја нека го охрабри секој да си ја заврши задачата во духот на искрена солидарност. Ако секој мисли само на сопствените интереси, светот може само да се распадне“, рече Папата.

Тој апелираше и за мир во Светата земја и во Африка. Во светло на обновеното насилство на Блискиот исток, Папата изрази надеж дека сепак регионот повторно ќе се врати на патот кон мир. Папата, на кој ова му е четврти Божик од кога е на чело на католичката црква, изрази и жалење за проблемите во Зимбабве - земјата која долго време ја тресе политичка криза и во која од епидемија на колера починаа над 1100 лица.

Папата исто така го повтори и апелот од полноќната миса, за заштита на децата и спречување на секаков вид нивно злоставување.

Тој потоа на 64 јазици, меѓу кои и на македонски, го честиташе Божик.

DW.COM