1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Папата апелираше за мир во кризните региони во светот

Во првата божикна порака во неговиот понтификат Папата Франциско упати повик за мир во кризните региони во светот, пред сѐ во Сирија и во Африка. Традиционално на десетици јазици папата им го честиташе Божик на верниците

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, во денешната традиционална божикна порака апелираше до сите завојуваните страни да обезбедат пристап на хуманитарната помош до милионите лица погодени од војната во Сирија.

„Конфликтот во Сирија ги уништи животите на многу луѓе, поттикнувајќи омраза и желба за одмазда. Да продолжиме да му се молиме на Бога за да го избави од страдања обичниот сириски граѓанин, а завојуваните страни да спречат секакво насилство и да обезбедат пристап за хуманитарната помош“, изјави папата од балконот на базиликата „Свети Петар“, пред која беа собрани десетици илјади верници.

Папата кажа молитва за мир во Централна Африка и во Јужен Судан. „Дарувај и мир на Централноафриканската Република, која често пати е заборавена од човештвото. Ти сакаш мир и за таа земја, погодена од насилство и сиромаштија, каде многумина се без засолниште, без вода и храна, без средства за основните животни потреби, кажа тој во молитва.

Тој повика за постигнување спогодба во Јужен Судан, каде „насилството однесе човечки животи, а соживотот е под закана“.

Папата ги спомена и постојаните напади врз цивили во Нигерија, како и судбината на раселените лица во ДР Конго и на Рогот на Африка. На крајот на церемонијата папата Франциско го изрече традиционалниот апостолски благослов „Урби ет Орби“ („Кон градот и кон светот“) и на десетици јазици на верниците ширум светот им посака среќни и благословени Божикни празници.