1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Папандреу прави нов тим

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу изврши темелна реконструкција на владиниот кабинет, од синоќа тој има 48 члена, од кои 17 со министерски портфељ. Целта-борба против државен банкрот.

default

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу го реконструира тимот

Портпарол на владата ноќеска (06.09.2010) соопшти дека цел на извршените промени е да се обезбеди успешно продолжение на борбата против презадолженоста на државата. Во тој контекст надлежниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину останува на министерската позиција.

Грчкиот владин кабинет од синоќа има 48 члена, од кои 17 со министерски портфељ. Досега владата на Јоргос Папандреу броеше 36 министри и државни секретари. Нивна главна задача и во наредниот период ќе биде да го задржат реформското темпо на економски план и да го засилат курсот на финансиско опоравување на земјата по должничката криза.

Измени во некои ресори

Така досегашниот министер за внатрешни работи Михалис Хрисохоидис го презема раководењето со министерството за економија и конкурентност. Досегашниот министер за економија Лука Катсели, кој подолго време беше изложен на критика, мина во министерството за труд. Економскиот сектор во владиниот кабинет е засилен и со преземањето на одговорноста за инвестициите во земјата од страна на десната рака на Папандреу, државниот министер Харис Пампукис.

Меѓу поважните промени во кабинетот спаѓа и повлекувањето на премиерот од раководното место во министерството за надворешни работи и целосното предавање на одговорноста во рацете на досегашниот заменик-министер Димитрис Друцас. Премиерот Јоргос Папандреу попушти и под притисокот на бродарите во земјата и повторно го воведе министерството за поморски прашања.

Symbolbild Finanzkrise Griechenland

Построги санкции за „грешниците“

Реконструкцијата на грчката влада дојде спроти денешната седница на европските министри за финансии, кои во Брисел разговараа за мерките за подобар надзор на националните буџети на земјите членки, повлекувајќи со тоа нови консеквенции од грчката должничка криза.

Министрите за финансии на ЕУ во Брисел постигнаа согласност за построга буџетска контрола во рамки на Унијата. Секоја земја членка, во иднина, во текот на пролетта секоја година ќе мора да го поднесе на разгледување нејзиниот финансиски план. Дури откако ЕУ ќе заземе став, ќе може да бидат изгласани деталните национални буџети. Сепак, во овластувањата на земјите нема да се чепка.

Вчера, пак, во Брисел заседаваше работна група под раководство на претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпој, која расправаше за воведување заострени санкции против државите кои не го почитуваат договорот за финансиска стабилност. Еврокомесарот Оли Рен порача дека во иднина санкциите автоматски ќе стапуваат на сила и ќе можат да бидат спречени само со посебна одлука на мнозинството членки на Унијата. Рен најави дека веќе на 29 септември ќе поднесе конкретен предлог-закон, а Херман Ван Ромпој најави дека со оваа тема ќе се занимаваат и шефовите на држави и влади на ЕУ на вонредниот самит закажан за 16 септември.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/ап

Редактор: Жана Ацека

DW.COM