1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Папандреу за ДВ: Штета е што досега не најдовме решение

Грција и Македонија ги поврзуваат многу нешта, изјави во Њујорк за Дојче веле грчкиот премиер Јоргос Папандреу, додавајќи дека доколку постоела временска рамка, спорот околу името ќе бил решен одамна.

default

Јоргос Папандреу

„Ако имавме временска рамка за решавање на проблемот околу името, тој проблем ќе беше решен вчера, или веројатно пред многу години“, изјави за Дојче Веле грчкиот премиер Јоргос Папандреу, кој во Њујорк за името разговараше и со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. Според Папандреу, станало збор за „грчките иницијативи“, кои како што рече „напредуваат со помош на медијаторот Метју Нимиц“.

Кој влијае врз Папандреу?

Според добро информирани медиумски извори на Ист Ривер, Папандреу е под голем домашен притисок во врска со името на Македонија - да не попушта и да не се обидува да прави компромис на штета на Атина. Според истите извори, Папандреу е многу критикуван дека е „под преголемо американско влијание во врска со условите што и‘ се наметнуваат на Грција од Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка поради финансиската криза“.

Какво решение сака грчкиот премиер?

Одговарајќи на прашањето на ДВ за временските рамки - дека прилично долг временски период Грција поради спорот со името го блокира или одлага евроинтегрирањето на Македонија, Папандреу генерално рече дека неговата земја е определена - целиот регион да се најде во обединета Европа до 2014 година.

„Се надевам дека влегувањето на Западен Балкан во Европа, сто години по крајот на Првата светска војна, на симболичен начин - со мир, ќе го означи крајот на тој долг, турбулентен и немирен период на нашата историја“, рече грчкиот премиер.

Во врска со ставот на Атина околу тоа како би требало да изгледа решението на спорот со Македонија, Папандреу беше јасен:

„Сакаме тоа да биде име што ќе содржи географска одредница за сите употреби“, прецизен беше тој.

Грчкиот премиер, сепак, додаде дека Македонија и Грција ги врзуваат многу нешта: „Имаме толку заеднички интереси, така што е вистинска загуба тоа што не најдовме решение досега.“

Автор: Ерол Авдовиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM