1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Папаконстантину под истрага

Грчката влада побара спроведување истрага за поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину и тој да биде изведен пред суд поради фалсификување јавен документ и неисполнување на службена должност.

Грчкиот парламент со тајно гласање во текот на наредните две недели треба да одлучи дали против Јоргос Папаконстантину ќе биде поведена истрага од страна на посебна комисија. За да се формира истражна комисија се потребни 151 гласа од вкупно 300 пратеници колку што брои парламентот.

Јоргос Папаконстантину, кој беше дел од владата на социјалистите на ПАСОК, е осомничен дека ги извадил имињата на тројца свои роднини од „Лагард листата“.

Грчките власти го добија најновиот список минатата недела, откако се појавија сомнежи дека претходната листа, која тогашната француска министерка за финансии Кристин Лагард му ја дала на нејзиниот колега Папаконстантину, била преправана. Списокот содржи имиња на Грци кои имаат сметки во филијалата на ХСБЦ банката во Женева и ќе бидат под истрага за евентуално затајување данок.

На Папаконстантину, по евентуалното укинување на имунитетот, му се заканува казна затвор во траење до 20 години, објаснуваат правници во Атина. ПАСОК го поддржа предлогот за покренување обвинение против него и веќе го исклучи од партијата.

Папаконстантитну пак, се спротивстави на обвинувањата и за грчките медиуми изјави дека се работи за „заговор“ против него.