1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Панчев:„Требаше повеќе да напредуваме како фудбалска нација“

Во 20-те години независност, премалку е направено за талентите, фудбалот е обременет со политика, а секојдневието е подредено на партиската припадност,вели во интервју за ДВ, македонската фудбалска легенда Дарко Панчев.

default

Дарко Панчев

Во тие први 90-ти години, кога Македонија ја ковеше својата независност, Дарко Панчев беше светска фудбалска звезда. Со шампионскиот Вардар зад себе, со Купот на шампионите во дресот на Црвена Звезда, со пехарот што потоа уследи од Интерконтиненталниот Куп во Токио.Со учество на светското првенство во Италија, со реноме на вонсериски гол-мајстор, носител на „златната копачка“ на Европа.

Панчев беше еден од идолите на нацијата, кога се отвораше новата страница и од македонската спортска историја.

Сеќавањата се враќаат на 13 октомври 1993-та година, на малиот стадион во Крањ на кој Македонија и гостуваше на Словенија во првиот официјален натпревар.

„Ние, играчите од тој период бевме дел од едни нови случувања, како на политичката, така и на спортската сцена. И ние како спортисти тоа моравме да го прифатиме. Ние и додека игравме за репрезентацијата на Југославија настапувавме како Македонци, тоа никогаш не било тајна, ниту некој некогаш го криел, меѓутоа ова беше еден нов момент каде што нашата генерација ја имаше таа среќа да отвора една нова страница во македонскиот спорт“.

Mazedonien Fußball Vardar Skopje

Некои политичари имале повеќе трема од фудбалерите

На овој настан му е дадена и политичка важност.Фудбалската експедиција е придружувана од политичари,стопанственици, од броен известувачки тим.

„Тој натпревар имаше една специфична тежина. Можеби одредени политичари, кои беа со нас на тоа патување и на натпреварот имаа повеќе трема од нас. Ние сепак сме спортисти , одигравме многу натпревари, па се подготвувавме како засекој друг натпревар“.

Старите вардарови асови, Панчев, Канатларовски, Најдоски,Јаневски, Бошковски, потпомогнати од помладите Стојковски, Мицевски одигруваат маестрално и победуваат со 4:1. Стрелец на првиот е Бошковски, потоа следат погодоците на Панчев, Јаневски и Канатларовски.

„Мислам дека добро одигравме. Таа иста репрезентација на Словенија неколку година подоцна, за прв пат се пласираше на светско или на европско првенство, не сум сега сигурен. Покажавме дека имаме квалитет и дека сме супериорни, барем кога е словенeчкиот фудбал во прашање“.

Македонија покажува дека има силен фудбалски корен

Македонија својот државен легитимитет го добива и низ фудбалот. Како членка на УЕФА во 1994-та година влегува во квалификациите за Европското првенство. Доби исклучително силна група, а својата промоција националниот тим ја имаше против актуелниот Европски првак Данска во Скопје. Дарко Панчев беше капитен на тимот.

„ Да, тоа беше спектакуларен натпревар, пред преполни трибини! Дојде репрезентацијата на Данска, која беше актуелен европски првак. Меѓутоа не се плашевме од нив и мислам дека одигравме извонреден натпревар. Штета што бев исклучен, на почетокот на второто полувреме, малку поради мое невнимание, малку поради преголемата строгост и респект кон репрезентацијата на Данска од страна на холандскиот судија. Но, успеавме на крајот да останеме непоразени, дури во последните минути Данците изедначија“.

Mazedonien Land und Leute Mazedonische Fußballer Goce Sedloski und Ilco Naumoski

Македонија одигра нерешено 1:1 против Данците, кои се спасуваат од пораз во последните моменти од натпреварот. Овој резултат, си спомнува Панчев, силно одекнува во европските фудбалски кругови. Македонија покажува дека има силен фудбалски корен.

„ Се сеќавам после натпреварот со Данска, кога се вратив од Скопје во Италија,а тогаш играв во Интер, пола од италијанските играчи се чудеа, ме прашуваа како ние како мала земја, упеавме да одиграме нерешено против Данците! Велеа браво, секоја чест.“

Антимакедонската кампања на Грција се почувствува и во фудбалот

Прстите на политиката не го одминуваат македонскиот фудбал, иницирани од спорот со Грција околу името. Панчев тоа го чувствува во Атина, по повод гостувањето на Црвена Звезда во Купот на шампионите.

„Март месец 1992 година... Игравме против Грците и едноставно јас меѓу првите ја почуствуваав таа антимакедонска кампања од страна на Грците. Многу пати сум го кажувал овој познат инцидент. Кога стигнавме во Атина, на аеродромот, на граничниот премин, јас не сакав да попуштам и сакав да влезам во Грција како Македонец. Тоа веќе влезе во историјата, но тоа беше предигра за се’ што се случуваше понатака“.

Вториот момент врзан за истиот спор е во Скопје. Пред натпреварот со Кипар од квалификациите за Европското првенство, од навивачите исвиркана е кипарската химна. УЕФА драстично ја казнува Македонија до крајот на квалификациите во Скопје да игра без присуство на публика.

Премалку направено во однос на фудбалските таленти

Во овие две децении на македонскиот фудбал има моменти за паметење. 2:2 против Англија во Саутемптон, 2:2 против Холандија во Скопје, Вардар на чекор од Лигата на шампионите, Работнички на мегдан со Ливерпул, но позначаен пробив во повисоките фудбалски слоеви нема. Панчев смета дека е премалку направено во однос на талентираноста.

„Имаше одредени пријатни моменти, каде што сите знаевме да се израдуваме на тие успеси, меѓутоа тоа е многу малку за да успееме да постигнеме нешто посериозно. Сметам дека ние сме фудбалска нација и треба да напредуваме повеќе, меѓутоа темата е малку подолга зошто сето тоа оди на тој начин“.

Факт е дека во македонскиот фудбал ги нема личностите, кои во годините наназад го афирмираа на меѓународен план. Истото се случува и со целиот македонски спорт, спортските великани немаат влијание врз креирањето, категоричен е Панчев

„Јас како поединец се обидов наколку пати да се инволвирам, дури и се кандидирав и за претседател на ФФМ. Бев два пати во Вардар, но гледам дека тие односи се многу нечисти, многу валкани, едноставно не се наоѓам себеси во тоа и затоа можеби повеќе сум на страна. Жал ми е што е така, меѓутоа можеби државата и највисоките институции треба нешто да превземат, нешто за полека да ги расчистат овие работи, бидејќи јас не гледам многу перспектива во фудбалот во наредните 10-20 години“.

Fußballer Darko Pancev

Човечките вредности наместо партиската припадност

Во однос на состојбите во Македонија на политички план, на искористеноста на можностите во сферите на стопанството, науката, уметноста, Панчев е со следиве размислувања:

„ Мене ми е жал што оваа држава во изминативе 20 години стана би-партиска! Го поделија народот на две партии, па која партија да дојде на власт вработува свои претенденти, без разлика дали имаат квалитети или не, а другите ќе ги шиканираат или линчуваат. Еден хаос, кој мене лично воопшто не ми се допаѓа. Луѓето треба да се гледаат без разлика кој какво партиско размислување има. Тоа е нивно право, да си имаат симатија кон одредена партија. Ние треба да ги гледаме луѓето дали тие нешто вредат и дали заслужуваат да го работат тоа што го работат или не. Мислам дека тоа е единствен начин да одиме напред во било која сфера на нашето живеење“.

Дарко Панчев беше прогласен за фудбалер на векот на Македонија. Тој е во клубот на спортските великани на МОК. Вели дека животот, кој го живее е посветен на семајството и на пријателите. Има свое кафуле во Скопје. Неговата популарност не бледее, но смета дека со своите 45 години се чувствува неискористен, дека може многу повеќе да придонесе за оваа средина од која се издигна во спортските височини.

Автор: Златко Калински

Редактор: Симе Недевски