1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Панкерките од „Пуси Рајот“ во казнен логор

Ниту апелацијата не донесе олеснување - двете музичарки од „Пуси Рајот“, осудени на две години работен логор, сега се одведени во казнен логор, оддалечен стотици километри од нивните деца.

Двете девојки од рускиот панк бенд „Пуси Рајот“, осудени на две години работен логор заради перформанс против рускиот претседател Владимир Путин, изведен во катедрала во Москва, се упатени на издржување на казната далеку од Москва, во областите Перм и Мордовија.

„Семејствата дојдоа да им донесат храна, кога разбраа дека Надежда Толокоњикова е испратена во околината на Мордовија (500 километри источно од Москва), а Марија Аљохина во околината на Перм (Урал)“, изјави денеска (22.10.2012) Виолета Волкова, адвокатка на девојките, додавајќи дека преместувањето било извршено во саботата.

Младите жени сe‘ уште патуваат до местото каде што ќе ја отслужуваат казната.

Девојките од „Пуси Рајот“, Надежда Толокоњикова, Марија Аљохина и Екатерина Самуцевич, беа осудени во август на две години работен логор заради „хулиганство“ и „поттикнување на верска омраза“, откако во февруари, во црквата „Христос Спасителот“ во Москва, отпеале „панк молитва“ против рускиот претседател Владимир Путин.

Пресудата на Толокоњикова и Аљохина ја потврди и второстепениот суд на 10. октомври, а казната за Самуцевич е претворена во условна и таа беше ослободена во судската постапка. Настанот силно одекна во медиумите, а многумина ја критикуваа пресудата оценувајќи ја за несразмерна со извршеното дело.