1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Панета се извини за шокантните фотографии

Скандалозното однесување на американските трупи во Авганистан го засени состанокот на НАТО во Брисел. Американскиот министер за одбрана Леон Панета се обиде да ја намали штетата.

Министерот за одбрана на САД Леон Панета се извини во име на своето министерство и американската влада за однесувањето на одредени американски војници во 2010-та. Американскиот весник Лос Анџелес Тајмс објави фотографии кои покажуваат аммерикански војници како позираат со распарчени тела на убиени Авганистанци.
„Однесувањето прикажано на овие фотографии апсолутно ги прекршува нашите прописи и, уште поважно, нашите основни вредности. Ова не сме ние и ова сигурно не е она што го претставуваме кога станува збор за големото мнозинство мажи и жени во униформа, кои служат таму“, рече Панета по состанокот со министрите за одбрана и надворешни работи во Брисел. Тој се надева дека објавувањето на фотографиите нема да предизвика одмазда во Авганистан.

„Знам дека војната е грда и насилна. И, знам дека младите луѓе некогаш се фаќаат во еден момент како прават многу глупави нешта. Не го оправдувам таквото однесување, ниту пак сакам овие слики да донесат дополнителна повреда на нашите луѓе или, пак, на нашиот однос со авганистанскиот народ“, рече Панета.

Казни за војниците

Според него, за најновиот скандал не било разговарано со министрите од НАТО, иако објавувањето на фотографиите стари две години доаѓа во време кога Алијансата го разгледува предавањето на одговорноста за безбедноста на авганистанските сили. Министерот за одбрана вети дека војниците, кои се фотографирале со распарчените тела на бомбаши-самоубијци, ќе се откријат и санционираат.

US-Verteidigungsminister Leon Panetta

Леон Панета

Американската државна секретарка Хилари Клинтон оцени дека оваа е многу тешка недела за Авганистан, осврнувајќи се на фотографиите и нападите на талибанците во викендот.

„Во тешка недела, како што беше оваа, во Кабул и други делови од Авганистан генералната слика е јасна – транзицијата се одвива. Авганистанците се повеќе застануваат зад својата безбедност и иднина, а НАТО останува обединет во нашата поддршка за временската рамка од Лисабон и нашата посветеност на Авганистан“, рече Хилари Клинтон.

Со осуда за однесувањето на американските војници се огласи и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен. Тој оцени дека скандалот е изолиран случај и изрази надеж дека таквите фотографии нема да предизвикаат насилство против сојузничките трупи.

„Најстрого ги осудувам таквите фотографии и таквите постапки, кои на ниту еден начин не ги претставуваат вредностите и принципите на мисијата на НАТО во Авганистан“, нагласи Расмусен.

Крај на борбените операции во 2013-та

Aussenminister Guido Westerwelle

Гидо Вестервеле

НАТО министрите за надворешни работи и одбрана уште еднаш во Брисел застанаа цврсто зад повлекувањето на најголем дел од ИСАФ трупите од Авганистан до крајот на 2014-та. До средината на 2013-та одговорноста за безбедноста во сите провинции ќе биде предадена на авганистанската полиција и војска. До сега 40 проценти од територијата на земјата е под авганистанска контрола.

Некои од земјите, како Канада, го нашуштија Авганистан уште во 2011-та година. И Холандија ги повлече своите борбени трупи и само спроведува мисија за обука. За враќање дома се подготвуваат и 5.000 германски војници, но НАТО дипломат смета дека тие мораат да останат до крај, бидејќи ја контролираат рутата по која треба да се спроведе повлекувањето.

„Прераното заминување би било погрешно, бидејќи тогаш терористите би можеле да преземат се’ на тие позиции“, рече германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, додавајќи дека не е добро ниту пребавното повлекување и затоа нагласи дека временската рамка останува.