1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Пандев: По успехот со Наполи, предизвик е Португалија

Најдобриот македонски фудбалер, Горан Пандев, утре во Лисабон ќе ја предводи репрезентацијата во пријателското, но предизвикувачко соочување со силната селекција на Португалија.

default

По успешно завршената клупска сезона во дресот на италијанскиот Наполи, Пандев во Скопје му се приклучи на македонскиот државен тим. Фудбалската кариера деновиве му беше збогатена со нов трофеј. Со освојување на Купот на Италија, четвртиот едноподруго. По Лацио и Интер сега и во дресот на Наполи. Горан Пандев е се‘уште под силните импресии од финалето во Рим.

„Овој куп навистина го заслуживме. Игравме добро, сезоната беше напорна, но Наполи на крај освои трофеј. Трофеј освоен после 22 години чекање, уште од времето на играње на Марадона. Затоа екипата што го освои овој Куп ќе остане запишана во историјата на клубот‘.

Пандев е задоволен од сезоната зад себе, во која дресот на Интер го замени со синиот на Наполи:

„Ми беше малку тешко да одлучам дали да заминам од Интер. Знаете дека со Интер освоив се‘ што можеше да се освои. Во Наполи сепак одново се најдов себеси. Во тоа многу ми помогнаа навивачите кои ми даваа постојано поддршка. Многу ми значеше другарство кое што владееше во екипата и довербата што ја имав од тренерот“.

За бојата на дресот решава Интер

Која ќе биде бојата на дресот, која Пандев ќе ја носи во наредната сезона? Срцето му е со Наполи, сака да остане на Сан Паоло, но последниот збор ќе го има Интер со кој е обврзан со договор.

„Наполи има интерес да ме задржи. Разговарав со директорот на клубот и со тренерот Мацари и со претседателот Лаурентис. Нивна цел е да останам во Наполи. Но, јас имам уште две години договор со Интер и таму се одлучува за мојата иднина. Лично би сакал да останам во Наполи, не би се враќал во Интер биидејќи знаеме каква е ситуацијата и што се во моментов таму се случува“.

Champions League Werder Bremen Inter Milan 7.12.2010

Клупските обврски, веќе се заменети со репрезентативните. Македонија утре на мегдан и‘ излегува на Португалија, а в среда ќе игра против Ангола. Натпревари од пријателски карактер, но резултатите се во прв план, вели Пандев:

„Не‘ очекува тежок натпревар. Португалија е една од најсилните европски репрезентации, која на Европското првенство ќе атакува на првото место. Нема да биде лесно, но ние ќе го дадеме максимумот и се надевам на позитивен резултат. Сега сме концентрирани на Поругалија, а подоцна ќе размислуваме за натпреварот против Ангола. Се надевам дека ќе биде се‘ како што треба. Селекторот ќе одлучи кои играчи на кои натпревари ќе настапат. Уште еднаш, се надевам на наш максимум и на два позитивни резултати“.

Поголема поддршка од целокупната јавност

Лоши резултати, нарушена атмосфера, многу критики во јавноста. Тоа е сегашниот момент во кој се наоѓа македонскиот државен тим. Во септември е почетокот на квалификациите за Светското првенство. Може сево ова да се надмине, смета Пандев, но со поголема поддршка од сите.

„Сигурно дека сево ова може да се надмине. Но, ни треба поддршка од сите. И за играчите и за стручниот штаб, која треба да дојде од навивачите, но и од новинарите. Во моментов атмосферата околу репрезентацијата е навистина лоша. Мислам дека треба со добра работа и поголема доверба од сите, од целолокупната македонска јавност, особено од медиумите, да се направи позитивна атмосфера. Можеме да изненадиме. Бидејќи мислам дека Србија, Хрватска и Белгија не можат да не‘ победат во Скопје“, вели Горан Пандев.