1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Паметна облека

Живееме во ера на паметни апарати. Дојдено ли е времето и за паметни алишта? Група млади дами од Берлин со необично име ни овозможува да насетиме како ќе изгледа облеката на иднината.

Панталони што зборуваат, маички што покажуваат болка. Виндјакни кои повикуваат итна помош, хулахопки кои пеат - можно ли е? Можно е! Седум жени од Берлин, на возраст меѓу 23 и 38 години, напорно работат на ова. Тие се нарекуваат „хакер-дами“ и креираат хај-тек облека на иднината.

Геше Јост, професорка по дизајнерска наука истакнува:

„Сметам дека е веќе неодржлива мислата дека постои еден офлајн и еден онлајн свет. Денес компјутерот не само што свое место во домот, туку всушност оваа техника е интегрирана насекаде.“

Во нивната лабораторија на Берлинскиот универзитет на уметностите ткаат, плетат и заваруваат. Овде наново се креира интеракција меѓу човекот и техниката. Катарина Бредис,од Универзитетот на уметностите во Берлин, објаснува:

„Тоа се текстилни материјали познати од секојдневието, од кои се направени нашите пантолони или пуловери, но со мал додаток. Имено, тие се електронски активни на различен начин; значи, тие се спроводници на струја.“

На пример, преку бакарни жички, вткаени во волнените конци. Резултат на тоа е дека... „Облеката има сопствен живот“.

Така, капата веќе не е само капа, туку и радио. Маичката, благодарение на вградената навигација, го знае патот. Врв е џемперот за итна помош. Оптички, тој не е безусловно атрактивен, но, подобро погледнато, спасува животи.

Гледај видео 03:21

Паметна облека

„Овој џемпер може да упати повик: ако активирам еден од сензорите на него, тој испраќа порака во амбуланта за брза помош или кај некој роднина. Овде се гледа, свети ламбичка. Тоа значи, за мене што го носам, дека сега навистина се испраќа повик за итна помош“, вели Катарина.

Она што изгледа како графички тајни кодови, се аудио-тестови. Електричните кола, кои на часовите по физика многумина ги мразеа, за жените се многу интересни. Од нив никој не се плаши од техниката. Напротив, тие се надеваат дека за пет до десет години нивната хај-тек облека ќе ја има насекаде.

„Затоа што техниките ќе бидат се‘ помали и се’ полесни за интегрирање и затоа што има одредени функции кои би имале смисол во секојдневието. Ние тоа го вградуваме, буквално кажано“, истакнува Геше Јост.

Тука е и гордоста на одделението - ракавица со чија помош можат да комуницираат луѓе кои се и слепи и глуви.

„Ја испробавме со слепи глуви лица и тие беа трогнати до солзи, навистина. Зашто, одеднаш констатираа: сега веќе можат да комуницираат директно со сите луѓе“.

А тоа функционира вака: азбуката на писмото на слепите се пренесува врз сензори. Ракавицата е како мобилна тастатура, со клик се испраќаат сигнали. Така се пишува порака,... и навистина - СМС пораката доаѓа.

Убав нов свет со шапки кои не‘ насочуваат низ секојдневието и простирки за пикник од кои доаѓа музика. Благодарение на хакер-дамите, тоа ќе дојде во блиска иднина.

Аудио и видео прилози на оваа тема