1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Палестинците пред договор за влада на национално единство

Главните политички групации, радикал-исламскиот Хамас и поумерениот Фатах, се на пат да се усогласат околу научникот Мохамед Шбир како кандидат за шеф на владата.

Мохамед Шбир би требало да биде нов премиер

Мохамед Шбир би требало да биде нов премиер

Раководствата на Хамас и на Фатах преговараа со недели во појасот на Газа, со цел меѓународно бојкотираната влада на Хамас да биде заменета со влада на национално единство. Тоа треба да води кон укинување на финансиското ембарго, што практично го парализира владеењето на палестинските Автономни власти. “Тоа ќе биде национална влада. Имаме интерес да соработуваме со сите групи, со Фатах, со Фронтовите, со експерти и технократи. Сметаме дека оваа влада треба да биде клуч за пробивање на меѓународната блокада. Тоа е и нејзина главна цел” – вели Гази Хамад, портпарол на Хамас.

Во последните недели постојано се чинеше дека резултатот е на дофат и постојано сметките ги расипуваше или раководството на Хамас од странство, или пак безбедносната состојба на партнерите во преговорите. По крвопролевањето во Беит Ханун премиерот Исмаил Ханија прво ги суспендира преговорите, но на викендот сепак искажа подготвеност да се повлече од функцијата за да го ослободи патот за формирање нова влада: “Кога сум ставен пред избор да ги отстранам санкциите против палестинскиот народ или да останам на чело на владата, се решавам за ставање крај на блокадата на палестинскиот народ” – рече Ханија.

За таа цел сега треба да биде формирана нова влада од технократи на чело со Мохамед Шбир. 60-годишниот научник, кој студирал микробиологија во Александрија и во САД и порано 15 години беше декан на Исламскиот универзитет во Газа, не е член на Хамас, но му е близок на тоа исламистичко движење. Неговиот татко бил еден од водечките членови на Муслиманските браќа во појасот на Газа.

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас искажа увереност дека новата влада ќе може наскоро да стапи на должност. “Постигнат е голем напредок на патот за формирање влада на национално единство, која ќе биде во состојба да ја пробие блокадата. Со божја помош, владата ќе биде составена уште пред крајот на месецов”.

Тогаш, како што се надеваат во палестинските подрачја, меѓународната заедница ќе ја прекине финансиската блокада, заведена оти владата на Хамас не сакаше да го признае Израел, ниту да се откаже од насилство, ќе почне да упатува финансиска помош и повторно ќе започне разговори со Палестинците. “Го очекувам тоа. Тоа го слушнавме од претседателот, кој има добри контакти со Европејците и Американците и од нив добил позитивни сигнали дека ќе соработуваат со таа влада” – вели портпаролот на Хамас и се надева дека доаѓа нова ера и наскоро ќе можат да бидат решени вистинските економски и политички проблеми на Палестинците.

Поврзана содржина