1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Палестинците најнесреќен народ во светот

По повод Меѓународниот ден на солидарност со палестинскиот народ,коментира Бетина Маркс

Газа,палестински војник

Газа,палестински војник

“Палестинците се најнесреќниот народ во светот“. Овие зборови во својата книга за случувањата во последните неколку години во појасот Газа ,ги запиша израелскиот новинар Шломи Елдар. Овој телевизиски новинар кој многу добро ги познава Палестинците можеби малку претерал со оваа формулација. На светот постојат многу народи кои страдаат поради неправедност,прогон и разни видови притисок.

Пример за тоа се луѓето во Северна Кореа и Зимбабве кои се малтретирани и изгладнети од страна на сопствената влада. Исто така постојат народи врз кои се врши систематски геноцид. Геноцид кој го вршат тиранските властодршци или жестоките влади над своите сограѓани како што се на пример црното население во Дарфур или Тутсите во Руанда.

Во сите овие случаи на дело се диктатори ,тоталитарни системи или едноставно разбојнички банди.Од друга страна Палестинците се окупирани од една правна држава ,“единствена демократија“ на Блискиот Исток како што тоа сакаат да го кажат Израелците.Тие живеат под чизмата на Израел,една технолошки високо развиена земја и воена сила која на сопствените сограѓани им обезбедува слобода и се повеќе луксуз, додека потиснатите Палестинци ги турка во се побезизлезна сиромаштија.

Последните години животниот простор на Палестинците е се поограничен, исто како и нивните права.Од почеток на мировниот процес тие се туркаат во се помали резервати,им се одзема слободата и се поголемата надеж во иднината.

Меѓутоа нивната несреќа започна многу порано.Таа започна со катастрофа како што тие го нарекуваат чинот на основање на израелската држава.За голем дел Палестинци ,тоа значеше бегање,прогон,губење на домовите,социјалните врски и општествениот живот-дури и губење на традицијата и самосвеста. Од народ кој се занимаваше со земјоделство и живот на село,под израелска окупација настана народ кој на израелските градилишта работи како надничар.

Подрачјето на Палестина кое се наоѓаше под британска управа е поделено со одлука на ОН. Поради тоа Израел може да каже дека е основан со благослов на Светската заедница која по убиството на повеќе милиони евреи од страна на нацистичка Германија,била подготвена и одлучна на Евреите од целиот свет да им даде татковина.На тој начин на преживеаните од геноцидот сакаше да им понуди заштита од натамошни прогонства. Меѓутоа Палестинците тоа мораа да го платат со губење на својата татковина и на своите права.

Само тоа би била доволна причина за солидарност на Светската заедница кон Палестинците. Но таа солидарност не смее да се исцрпува со празни ветувања.Светската заедница е одговорна за судбината на Палестинците.Таа мора да направи се што е во нејзина моќ да им помогне во основање на сопствена држава во која би можеле да живеат на достоинствен начин.За Германија тоа важи уште повеќе отколку за другите земји на ОН.Затоа што историската одговорност која Сојузната Република ја има кон еврејската држава ,мора да се прошири и на Палестинците кои мораа да се приклонат кон таа држава.