1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Палестинците во Мека бараат решение за влада на национално единство

Во светиот град на муслиманите Мека денеска почнаа преговорите меѓу ривалските движења на Палестинците, Хамас и Фатах. Највисоките претставници на обете манифестираа решеност да се најде решение и да се прекине братоубиствениот конфликт.

Кааба, најсветиот камен за муслиманите, што се наоѓа во Мека

Кааба, најсветиот камен за муслиманите, што се наоѓа во Мека

Меѓународната заедница очекува дека по оваа средба може да се формира и влада на национално единство, што би го отворило и патот кон мировни преговори со Израел. Естер Сауб ја пренесува атмосферата од Мека во следниот прилог.

Лидерот на Хамас кој живее во егзил во Сирија, Калед Машаал, на церемонијалниот почеток на преговорите во кралската палата во Саудиска Арабија изјави дека неговата делегација дошла за да постигне решение. Нема друга алтернатива – нагласи решително Машаал. И водачот на делегацијата на другото движење, Фатах, палестинскиот претседател Махмуд Абас вети јавно дека нема да ја напушти Мека без компромисни решенија по сите отворени прашања. Обете страни изразија голема благодарност кон домаќинот на средбата саудискиот Крал Абдула, кој не сакаше да учествува во преговорите.

Кралот меѓутоа ја искористи сета своја дипломатска вештина за да ги приволи ривалите на изнаоѓање решение за конфликтот. Тој свесно ја одбра Мека како најсвето место на сите муслимани, место каде сите тие се чувсувтваат обединети во верата. Така делегациите заедно беа на пладневна молитва во светилиштето. Потоа заедно и ручаа, бидејќи народната поговорка вели, тие што заедно јаделе леб и сол не се борат повеќе едни против други. Веднаш потоа почнаа преговорите, во простирии со поглед на Каба, најсветиот камен на муслиманите. Конечно саудискиот крал изјави оти се надева дека никој од двете делегации нема да замине од Мека додека не се заколнат со Бога оти ќе ги прекинат сите оружени судири и ќе го сопрат крвопролевањето, што им користи само на непријателите на муслиманите. Раздвоени дојдоа, но заедно ќе си одат – му вети на палестинскиот народ, Кралот Абдула.

Еден од најголемите камења на сопнување меѓу Палестинците е прашањето на признавањето на Израел. Без прифаќање на тој услов нема да има палестинска влада што ќе биде признаена од Западот, а без тоа признавање нема да престане ни финансиската блокада на палестинската власт во автономните подрачја. Вториот најтежок проблем е именувањето неутрален министер за внатрешни работи кој ќе ги смири ривалските вооружени групи. Околу оваа точка претставниците на Хамас уште спроти средбата сигнализираа готовност на компромис.

Делегациите се соочени со притисок како од нивната база, така и од меѓународната заедница, нагласува Сулејман Абу Дајех, раководител на оддлението за Палестина при Фондацијата Фридрих Науман во Ерусалим:

“Очекувањата кај палестинскиот народ се многу големи, иако многумина веќе не им веруваат на нивните водачи оти се во состојба да најдат заедничка позиција. Но, тие се наоѓаат пред одлука: или ќе најдат заедничка позиција по многуте отворени прашања или ќе дојде до граѓанска војна меѓу Палестинците!“