1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Палестинците во криза

Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, е на турнеја по Европа со цел – повторно обновување на финансиската помош за палестинските територии. Израел, по победата на Хамас, ги собира парите од царините и даноците, а ЕУ, како најголем донатор, ја замрзна својата помош. Во моментов ситуацијата во палестинските подрачја толку се заострува, што ОН веќе предупредуваат од хуманитарна криза.

Нема пари за палестинските власти

Нема пари за палестинските власти

Населението ќе осиромаши многу, училиштата и болниците не ќе можат да одговорат на задачите, услужните дејности како комуналните услуги мора да бидат драстично ограничени, а јавниот ред и мир ќе се наруши. Вака гласи прогнозата на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарната помош во Ерусалим. Тоа важи во случај ЕУ и САД да останат на своето НЕ за финансирање на палестинските автономни власти под раководство на исламистичкиот Хамас. Во моментов, 56% од Палестинците живеат под границата за сиромаштија, значи со помалку од два долари дневно. Овој број би можел да се зголеми на 75%. Шефот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарната помош, Дејвид Ширер, предупредува да не се прават комбинации од страна на западните држави, во насока - да се игнорираат автономните власти, а парите да се даваат за директна хуманитарна помош и на тој начин да биде избегната хуманитарна криза:

“Многу се зборува за тоа да не се финансираат автономните власти и наместо тоа парите да се даваат за хуманитарна помош. Многу е важно да се каже отворено дека ОН не се во состојба да ги презџемат задачите на палестинските министерства за здравство, за образование и воспитание и за социјала. За такво нешто едноставно немаме способности.“

Од 152 илјади лица кои се на листата за плати на автономните власти и кои од март немаат добиено пари, 12 илјади се луѓе од здравството, 39 илјади од образованието, а 70 илјади се во полицијата и безбедносните структури. Овие луѓе, досега со своите плати исхранувале многу повеќе лица:

“Тие поддржуваат најмалку 6 до 7 други, што значи речиси еден милион луѓе или една четвртина од населението веќе нема кој да ги храни, нема никого на чија што плата може да се потпре. “

Најголема загриженост во Канцеларијата на ОН има околу распадот на јавниот ред и мир кој се заканува – голем број полицајци и други луѓе од безбедноста, кои се вооружени, би можеле да им се приклучат на различни банди и својата заработувачка да ја обезбедуваат со изнудување, напади и организиран криминал.