1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Палестинските бегалци повторно во бегство

Бегалците од Палестина повторно се во бегство. Прво мораа да ја напуштат татковината и да побегнат во Сирија, а сега од Сирија бегаат во Либан. Таму им недостасува и најнеопходното, а надеж за подобро немаат.

Една соба, мала кујна и мал тоалет. Од таванот паѓаат парчиња боја, а на подот има сив тепих. На него има обични душеци од сунѓери и волнени прекривки. Така изгледа новиот дом на Уме Вајди и нејзиното семејство (на насловната фотографија од текстот). Од јануари оваа година 43-годишната жена овде живее со сопругот и двата сина. Едниот има 12, а другиот 15 години. Својот стан во Јармоук , најголемата палестинска бегалска населба во Сирија, мораа да го напуштат. Во меѓувреме Јармоук речиси и да не постои. Исчезна во текот на минатите месеци. Запален е и уништен во текот на борбите кои се водат во Сирија од почетокот на 2011 година. Нивниот нов скромен дом сега се наоѓа во палестинскиот бегалски камп Шатила во Бејрут, во соседен Либан.

Кирија од 220 долари

За ова семејство во моментов е најважно некако да се снабди барем со најнеопходната храна за децата, со греење и лекови за најмалиот член на семејството, кој има болест на крвта. Ум, ситна жена со долга црна коса, раскажува како животот во Сирија сепак бил многу поедноставен. Пред се’ не било тешко да се набават лекови. Во Либан тие добиле мебел, животни намирници и еднократна помош од 40 долари, како и еден купон за храна. Тоа секако дека не е доволно ниту за гол живот.

Libanon Beirut Die doppelten Flüchtlinge

Улица во бегалскиот камп Шатила во Бејрут

„Само киријата за овој еднособен стан месечно чини 220 долари. За тие пари во Јармоук можевме да живееме во дворец и плус да добиваме храна и пијалоци. Но, тоа не е се’. На овие трошоци треба да се додаде и месечната сметка за струја во висина од 60.000 либански лири (околу 40 долари), како и таксите за престој“, раскажува Абу Вајди, сопругот на Ум.

Бидејќи пари нема доволно, тој е принуден редовно да оди и да проси кај пријатели.

Безнадежност и резигнираност

Абу Вајди во Сирија работел како уметнички директор на една палестинска фолклорна група. Тој вели дека сега не може да им помогне ниту ПЛО – Палестинската ослободителна организација, бидејќи ниту таа веќе нема пари. Работа не може да најде, бидејќи Палестинците во Либан смеат да работат само во одредени занимања.

Со други зборови, војната во Сирија од ова семејство направи двојни бегалци. Бабите и дедовците на Ум и Абу потекнуваат од Назарет. Тој град денес се наоѓа во северниот дел од Израел. За време на основањето на израелската држава во 1948 година тие биле протерани и пристигнале во Сирија. Нивните внуци сега повторно се наоѓаат во бегство.

Според податоците на организацијата на Обединетите нации за помош на Палестинците на Блискиот Исток (УНРВА), последните недели најмалку 20.000 палестински бегалци од Сирија побегнале во Либан. Оваа организација тврди дека бројот, судејќи според се’, и натаму ќе се зголемува уште повеќе. Најголемиот дел се сместени кај роднини и пријатели во различни палестински логори. И Абу Вајди се одлучи за Шатила, бидејќи тука веќе живеат неговите пријатели.

Зголемување на кириите

syrische flüchtlinge im libanon

Сиромаштијата е видлива на секој чекор

Овој бегалски камп спаѓа во редот на најсиромашните и најнапатените во Бејрут. Зиад Хемо од Народниот одбор на Шатила, надлежен за споменатиот камп, а кој добива донации од Меѓународниот црвен крст, вели дека капацитетите се речиси пополнети и оти веќе не се во можност да примаат бегалци. Но, оние кои се тука со сигурност ќе ги примаат своите роднини и пријатели.

Многумина ја искористуваат таквата ситуација и ги покачуваат кириите, па Хемо вели дека на Палестинците од Сирија и натаму ќе им биде потребна парична помош. Тој додава дека бараат некој сериозно да се зафати со проблемот на зголемување на кириите и нагласува дека во кампот нема доволно храна.

„Кравјото млеко, облеката и другите намирници би требало редовно да стигнуваат. Еднаш месечно по еден пакет ориз и шеќер не е доволно“, вели Хемо.

УНРВА одамна дојде до своите граници. Од оваа организација побараа минатата година помошта да изнесува 13 милиони долари. Толку е потребно за да им се помогне на сите Палестинци кои побегнале од Сирија во Либан.