1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пак: Можеби тужбата ќе помогне Грците да се освестат

По повод тужбата против Грција пред Меѓународниот суд на правдата, Дорис Пак (ЦДУ), пратеник во Европскиот парламент, им дава подршка на чекорите што ги презема Македонија во барањето решение за проблемот со името.

default

Дорис Пак, европратеник и експерт за Балканот

„Патот не може да биде погрешен, оти Македонија на секој начин се обидува да дојде до некое решение што ќе и’ овозможи да го носи своето име. Сметам дека ситуацијата е извонредно тешка и на Македонија не можам да и’ забележам ако се обидува по секој пат да дојде до своето право. Не знам дали тоа ќе биде можно на овој начин, но начелно ја подржувам Македонија во сите нејзини патишта да дојде до решение на проблемот. Зашто, се’ додека тој не е решен, Македонија не може да направи ни чекор напред кон ЕУ, исто така ни кон НАТО, оти над сето тоа стои ветото од соседната земја. Оттука, можам само да кажам дека и’ пожелувам многу среќа во новиот обид.

Но, вие знаете и дека такви пресуди, односни такви постапки пред меѓународни судови, траат многу долго и јас не знам дали Македонија има уште толку многу време за да го реши проблемот. Па сепак, можеби патот до таму ќе помогне за Грците да се освестат, можеби тоа сепак ќе ја наведе Грција да биде малку попријателска спрема својот сосед. Иако се сомневам, оти ни ситуацијата во Грција не е најстабилна. Ниедна влада досега не направи големи чекори напред во ова прашање - ни социјалистите, кои со години беа на потег, ниту сегашната влада“, изјави Дорис Пак од германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), пратеник во Европскиот парламент, за Македонската програма на Дојче Веле.