1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Пак: Македонија не може да се остави да чека

Постојат ризици за Македонија и процесот на проширување ако земјата скоро не ги започне преговорите, смета ЕУ пратеничката Дорис Пак. Таа изрази надеж дека грчкото претседателство ќе донесе можност за решение на спорот.

Германската европратеничка Дорис Пак од редовите на Народните партии, запрашана од ДВ, дали Советот на ЕУ конечно ќе ги следи препораките на Комисијата и Европскиот парламент вели дека одлуките таму се однесуваат едногласно.

„Се надевам дека грчкото претседателство со Европската унија во текот на идната година, ќе даде мала можност да се најде решение за името и да започнат преговорите за членство. Имам впечаток дека тоа лебди во воздухот. Но ништо не е сигурно.“

Дорис Пак, добар познавач на случувањата на Балканот и известувач во Европскиот парламент за Босна и Херцеговина, го дели мислењето на комесарот Штефан Филе дека постојат ризици за земјата и самиот процес на проширувањето ако Македонија не ги започне наскоро преговорите.

„Постојат ризици, бидејќи добро знаеме дека од 2005 година Македонија чека да се случи нешто. Но постојат ризици и за Грција, бидејќи ако соседната земја не може вистински да се развива и напредува на европски начин, тоа носи ризици не само за Македонија, туку и за другите околу.“

Запрашана од ДВ дали денес во Европскиот парламент и во земјите членки на ЕУ има исто така голема поддршка за проширувањето на ЕУ, како до пред неколку години, Дорис Пак одговара:

„Парламентарците се исто така припадници на нивните земји и нации и кај некои нации постои воздржаност. Не може да се направи чекор наназад. Може да го забавиме процесот, но не можеме да оставиме да чека една земја уште десет години. Тоа може да предизвика проблеми во самата земја ако не се продожи со една коректна процедура. Проблемот е во тоа што Советот одлучува за проширувањето едногласно. Јас уште еднаш мислам дека грчкото претседателство дава можност за излез од оваа ситуација“.

Дорис Пак исто како и некои други европратеници видоа желба од страна на Комисијата да се постигне напредок во решавањето на спорот со името и почеток на прегворите. Тие во изјавите на комесарот Филе пред Комисијата препознаа доза на „оптимизам“ по овие прашања, но која не треба да носи премногу очекувања.

Надеж за решавање на спорот изрази и словенечката европратеничка Тања Фајон: „Оптимист сум дека ќе има напредок во прашањето за името меѓу Грција и Македонија. Регионот на западен Балкан е неоспорно дел од Европа“, вели Фајон.

Европратениците велат дека Македонија, ова година е можеби помалку подготвена за почеток на преговори, отколку што беше во минатото, поради случувањата во земјата последниот период, односно дијалогот меѓу политичките партии и ситуацијата со новинарите.