1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пакистан не верува во убиството на Ал-Рахман

Пакистанските власти изразија сомневања околу веродостојноста на информацијата дека САД го убиле вториот човек на Ал Каеда, Атија Абд ал-Рахман, во близина на границата со Авганистан.

default

Висок официјален американски претставник вчера соопшти дека Ал-Рахман бил убиен во северозападната племенска област Вазиристан на 22. август, без да наведе подетални информации околу околностите под кои загинал наводниот втор човек во хиерархијата на терористичката мрежа.

Пакистанските власти, пак, за новинската агенција АФП потврдија дека на истиот ден навистина регистрирале напади со беспилотни летала во Северен Вазиристан, при што биле убиени четворица милитанти, но според нив, не е сигурно дали Ал-Рахман бил еден од нив.

Претставник на пакистанските безбедносни сили за истата агенција наведе дека ја провериле информацијата, по што се сомневаат во нејзината веродостојност. Сомнежи изразија и безбедносните власти во градот Мираншах, најголемиот во провинцијата Северен Вазиристан. Според нив, воопшто не е сигурно ниту дали извесен Ал-Рахман навистина бил ангажиран како втор човек на Ал Каеда.

Pakistan Armee Soldat NO FLASH

Областа Вазиристан е планинска и непрегледна

Истиот извор додава дека областа каде наводно загинал Ал-Рахман е недостапна и дека властите во такви случаи се потпираат на извештаите што ги добиваат од своите информанти. „Досега не сме добиле информација за убиство на терористот“, велат во Мираншах. Талибански командант од Авганистан исто така ја опиша веста како „невистинита.“

Според американските власти, Ал-Рахман бил во доцните триесетти години од животот, доаѓал од Либија и бил „вработен“ од Осама Бин Ладен. Пред да биде унапреден во втор човек на терористичката организација, по смртта на Бин Ладен, Ал-Рахман бил испратен во Иран, каде имал за задача да регрутира нови кадри и да преговара со другите исламистички групи.

Автор: ТТ/афп

Редактор: Е.М.Фиданоска