1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пакистан и Иран ќе градат гасовод и покрај отпорот од САД

Претседателите на Иран и Пакистан денеска го промовираа контроверзниот план за изградба на нова делница од гасоводот кој ќе ги поврзе двете земји. Вашингтон остро се противи на планот.

Махмуд Ахмадинеџад и Асиф Али Зардари го означија почетокот на изградбата на гасоводот на церемонија во Иран на самата граница кон Пакистан. Иранско-пакистанскиот гасовод има за цел да го реши проблемот со хроничниот енергетски недостаток во Пакистан, поради кој земјата постојано се соочува со прекини во снабдувањето со електрична енергија. Но, постојат големи сомнежи дали Пакистан ќе најде средства да го финансира проектот кој се проценува на околу 1,5 милијарди долари и дали ќе го надмине противењето од САД од каде јасно порачуваат дека проектот ги загрозува санкциите врз Иран поради нуклеарната програма на Техеран. Дел од гасоводот на иранска страна е завршен, а денеска практично беше најавена изградбата на делот на територијата на Пакистан.

„Денеска е историски ден. Проектот за гасоводот е почеток на големо дело. Западните земји немаат право да го блокираат овој проект“, рече Ахмадинеџад.

САД се закануваат

Вашингтон вели дека договорот ќе му овозможи на Иран да продава повеќе гас, со што ќе се ограничат напорите за спречување на нуклеарната програма. САД промовираа алтернативен проект со кој гас би се пренесувал од Туркменистан преку Авганистан, Пакистан до Индија, а финансиираа и повеќе проекти за изградба на хидроцентрали за да му овозможат на Пакистан да ја подобри енергетската состојба.

„Доколку се финализира овој договор тоа ќе отвори сериозни проблеми за санкциите кон Иран. Им го објаснивме тоа на нашите колеги од Пакистан“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Викторија Нуланд.

Според американските закони, Пакистан може да се соочи со серија економски и воени санкции доколку продолжи со изградбата на гасоводот.

Прашање е дали тоа навистина и ќе се случи затоа што многумина во денешната церемонија гледаат само обид за собирање предизборни политички поени на

владејачката пакистанска партија која ја предводи Зардари. До крајот на неделава во Пакистан се очекува да се распишат парламентарни избори, а партијата на Зардари, Пакистанската народна партија, заостанува во анкетите. Аналитичарите во договорот гледаат обид на Зардари да покаже дека се обидува да го реши енергетскиот проблем во земјата, но и пред гласачите да покаже дека има сила да им се спротивстави на САД.

„Се надеваме дека нашите пријатели ќе ги разберат нашите енергетски потреби“, му порача на Вашингтон, портпаролот на пакистанскиот претседател Фархатулах Бабар.

На Пакистан ќе му бидат потребни најмалку 1,5 милијарди долари за да го реализира проектот на своја територија. Во ситуација кога речиси никој во меѓународната заедница не сака да учествува во финансирањето, Иран му одобри на својот сосед кредит од 500 милиони долари, додека останатите средства пакистанската влада планира да ги обезбеди преку покачување на сметките на граѓаните. Нејасно е дали таквиот план ќе успее имајќи предвид дека малкумина во земјата воопшто ги плаќаат сметките за електрична енергија.