1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пакистанците гласаа и покрај нападите и стравот

Со исклучок на седум изборни единици во Карачи, каде гласањето поради задоцнет почеток ќе заврши два часа подоцна, сите избирачки места во Пакистан се затворени. Пакистанците гласаа масовно, наспроти насилството.

Избирачките места се затворени во 18 часот по локално време. „Со божја помош и благодарение на соработката на населението, ни успеа да одржиме слободни и фер избори“, изјави секретарот на Изборната комисија Иштијак Ахмад Кан.

Овие избори се историски за Пакистан. Првпат во 66-годишната историја на земјата една цивилна влада ќе дојде на место на друга, без притоа да

интервенира армијата. И покрај атентатите и смртните закани на талибанците, милиони граѓани на Пакистан го искористија правото на глас. Се проценува дека одзивот ќе изнесува околу 60 проценти. На изборите во 2008 година на гласање излегоа само 44% од избирачите.

Инаку, денешното гласање беше проследено со напади и престрелки, во кои загинаа 17 луѓе. Најмалку 11 лица загинаа во експлозија на бомба пред партиски штаб во Карачи. Во престрелки на припадници на ривалски партии во провинцијата Белучистан животот го загубија шест лица. Портпаролот на талибанците Есанула Есан претходно се закани со „крвав“ изборен ден, но бранот насилство од којшто се стравуваше сепак изостана. Во тринеделната изборна кампања животот го загубија повеќе од 120 луѓе.

Избирачите одлучуваат за 272 од вкупно 342 места во парламентот во Исламабад. Еден дел од местата се резервирани за верските малцинства и за жените. Првиот човек на набљудувачката мисија на ЕУ, Мајкл Галер, изјави дека изборниот процес во Пакистан во споредба со изборите во 2008 година значително се подобрил. Голем број неправилности се регистрирани во Карачи, каде дел од избирачките места не биле отворени или избирачките ливчиња биле уништувани. Во упориштето на талибанците Северен Вазиристан пак, жените не смееле да гласаат. За безбедноста во текот на изборите се грижеа околу 600.000 војници и полицајци.