1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Пад на владата во Словенија

Парламентот во Словенија му изгласа недоверба на конзервативниот премиер Јанез Јанша по само 13 месеци на функцијата. Мнозинството пратеници гласаше за недоверба кон владата.

Левоцентристичката опозиција во словенчкиот Парламент изгласа недоверба и ја собори конзервативната влада на премиерот Јанез Јанша. „За“ недоверба на владата се изјаснија 55 пратеници, 33 против и еден воздржан од присутните 89 пратеници.

Мандатар на новата влада е лидерката на најголемата опозициска партија Позитивна Словенија (ПС), Аленка Братушек (на фотографијата). 42-годишната политичарка треба да ја претстави новата влада до 14 март, а ако не успее, ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори. Братушек во случај на успех би била првата жена премиер од независноста на Словенија во 1991 година. Двете партии кои ја напуштија коалицијата со Јанша, Граѓанска листа (ГЛ) и Демократската партија на пензионерите (ДеСУС) гласаа за недоверба на владата на Јанша. Коалицијата на Јанша се распадна поради обвинувањата за корупција и на крајот контролираше само 30 од вкупно 90 места во парламентот. Државната антикорупциска служба го обвини Јанша за непријавен имот во висина од 210 илјади евра.

Vertrauensabstimmung im slowenischen Parlament Janez Jansa

Јанез Јанша

На Братушек и‘ претстојат тешки коалициони преговори. Во говорот пред парламентот вчера попладне таа најави лесно отстапување од ригорозната политика на штедење на Јанез Јанша. Словенија не може да си дозволи продолжување по трендот на назадување и раст на невработеноста, нејзе и‘ треба влада која „ќе стреми кон економски раст и финансиска стабилност, без да го спречи развојот“, изјави Братушек.

Словенија се наоѓа во тешка економска криза. Земјата стана членка на ЕУ во 2004 година и во 2007 пристапи на еврозоната. Државата која некогаш беше пример, сега се наоѓа во ситуација да треба да бара помош од Фондот за спас на еврото.

Освен тоа, земјата ја потресуваат корупциски скандали со водечки политичари. Покрај Јанша, под сомневање за корупција се наоѓа и градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ.