1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Падот на хеликоптерот во Глазгов - загатка

Во Глазгов продолжува потрагата по преживеани по падот на полицискиот хеликоптер врз кафуле полно со гости. Во болниците се пренесени 32 повредени, а официјално има еден загинат, иако се очекува бројот жртви да расте.

Концертот во паб во шкотскиот град Глазгов заврши со трагедија: поради пад на полициски хеликоптер во преполното кафуле, загина најмалку еден човек, а над 30 се повредени, како што соопшти денеска полицијата. Противпожарна бригада по синоќешната несреќа сѐ уште врши потрага по преживеани. Полицијата смета дека е можно да има уште загинати.

Спасувачките работи се одвиваат бавно бидејќи зградата има претрпено големи оштетувања. Не може со сигурност да се каже дали под урнатините има и колку други луѓе. Полицијата потврди дека во околните болници се пренесени 32 лица. Британски БиБиСи пак јавува за тројца загинати, додека пак телевизијата Скај њуз соопшти дека загинале шест лица.

Хеликоптерот, во кој биле цивилен пилот и двајца полицајци, се урна на покривот на пабот „Клута волтс“ во 22 часот и 25 минути, по локално време, во моментот кога пред преполната сала настапувал бенд. Експертите претпоставуваат дека е можно хеликоптерот да сакал принудно да слета на покривот на кафулето поради ненадејно откажување на моторите.

Случајно присутниот уредник на весникот „Сан“ сведочи дека хеликоптерот „паднал како камен од небото“:

„Тоа беше еден навистина суреален момент, го гледав како паѓа со голема брзина“, изјави Гордон Смарт за Скај њуз.

Една посетителка на концертот раскажува дека во кафулето прво се слушнала врева: „Музичката група продолжи со концертот, но тогаш покривот се урна и започна писок. Целиот паб наеднаш се најде во прашина, ништо не се гледаше, не можеше да се дише“.

Музичката група ја преживеала несреќата неповредена.

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека е длабоко погоден од несреќата.