1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Падот на режимот на Садам Хусеин не донесе спас за Ирак

На 9-ти април пред 4 години беше соборен режимот на Садам Хусеин. За Ирачаните тоа беше празник, но владата во неделата го укина и вчера за нив беше обичен работен ден.

default

Сликите од телевизискиот пренос од Багдад, кога булдожер на американската војска заедно со група ирачки демонстранти го урива споменикот на Садам Хусеин, на Ирачаните и на светот им предочија дека настапува ново време - или барем дека заврши една ера. Но, статуата се покажа жилава: бавно се виткаше и беше потребно многу сила за да се урне на земја. Никој ни не насетуваше колку симболично беше тоа за идниот развој во Ирак, токму како и обидот на еден американски војник да ја покрие главата на статуата со американско знаме.

Четири години по тие настани, Ирак е подалеку од решение за неговите проблеми од било кога: Садам Хусеин веќе го нема, но редот и мирот не се повторно воспоставени; земјата побргу се наоѓа во состојба слична на граѓанска војна во која различни етнички и религиозни заедници се борат меѓу себе, делумно поддржувани и од странски терористи и странски сили. Сеприсутна е опасноста Ирак да се распадне – и покрај сите обиди од него да биде направена демократија како мостра за регионот.

Ирак одржа слободни избори, гласаше за устав - со тоа исполни некои предуслови за мирен развој, но тоа не е се’. Тука е и окупацијата од страна на САД, чиј крај не може да се согледа – и покрај сите залагања, посебно на Демократите во Вашингтон. Според последните прогнози, дури и нивен човек како наследник на Џорџ Буш на претседателската функција веројатно не ќе може да ги повлече трупите.

Ако трупите бидат повлечени без смирување на состојбата во Ирак, тогаш таму веројатно ќе пламне вистински пожар. Ако останатат, тие ќе бидат постојана причина за безредие и несигурност. Вашингтон со недели се обидува со “безбедносна офанзива” и со засилени трупи да ја стави под контрола ситуацијата во Багдад. Наместо тоа, се зголеми бројот на американски жртви таму, како и бројот на напади. Се чини дека е безгранична армијата атентатори-самоубијци подготвени на жртвување, оти напади секој ден, секоја недела, секој месец.

А ирачкото население страда – од него доаѓа најголемиот број од жртвите на насилните судири. Кој не можеше да побегне во странство, се обидува некако да се скрие. Теророт и насилството не познават никакви правила. 4 години по падот на режимот на Садам Хусеин само едно се чини сигурно: тој пад не донесе спас, туку побргу беше увод во една од најстрашните фази во историјата на таа земја.