1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Падна бунтовничкото упориште Кусеир

Сириската армија, според наводи на сириски државни медиуми, го зазела градот Кусеир, за кој се водеа тешки борби со недели. Бунтовниците, како што јави агенцијата АФП, потврдија дека битката е загубена.

„Повторно владеат безбедност и стабилност во градот“, јави сириската новинска агенција Сана утринава (05.06). При заземањето на градот се убиени голем број бунтовници, а има и голем број уапсени, извести државната сириска телевизија. Во меѓувреме и бунтовниците потврдија дека ја загубиле битката за Кусеир, јави агенцијата Франс прес. Градот има стратешко значење поради тоа што се наоѓа на важна рута за трговија и снабдување меѓу Сирија и Либан.

Бунтовниците пред неколку дена побараа воена поддршка и замолија за медицинска помош за стотици повредени. Вчера (04.06) Високиот комесаријат за бегалци на ОН соопшти дека за цивилите кои се во градот бегството станува се‘ потешко. Малкуте жители на Кусеир кои во изминатите денови успеаја да стигнат во Либан, минале 100 километри пеш. Градот го напуштија пред се‘ жени и деца. Според непотврдени извори, во Кусеир има меѓу 700 и 1.500 повредени цивили. Сириските власти одбиваа да дадат дозвола за Меѓународниот црвен крст да влезе во градот и да им помогне на повредените.