1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Паднаа ограничувањата за вработување во Германија

Денеска (01.05.) се отвора пазарот на работна сила во Германија за работниците од осум земји-членки на ЕУ: Естонија, Летонија, Литванија, Чешка, Полска, Словачка, Унгарија и Словенија. Исклучок се Бугарија и Романија.

default

Германскиот министер за економија Рајнер Бридерле отворањето на пазарот на работна сила го оцени како шанса за Германија. Тоа може да придонесе во голем број сфери да биде ублажен недостигот на стручњаци, истакна Бридерле за првата програма на германската телевизија:

„Шансите се поголеми. Имаме итно потреба од стручњаци. Ако не добиеме стручњаци, нема да можеме да ги искористиме шансите за економски пораст. Честопати работите се комплементарни - ако немам инженер, не можам да вработам ниту работници“, изјави синоќа (30.04.) Бридерле за АРД.

Рампата е од денеска крената

Рампата е од денеска крената

Од редовите на синдикатите, пак, гласно се изразува загриженоста од намалување на платите. Шефот на Сојузот на германските синдикати, Михаел Зомер, за АРД изјави:

„Проблемот е во тоа што не се донесени неопходните регулативи, ниту за проверка, ниту што се однесува до роковите за пријавување, а за платите да не зборуваме, за на тој начин да бидеме сигурни дека овие луѓе нема да бидат експлоатирани и искористени за да се постигне дампинг на платите и на социјалните давачки. Тоа мора да се спречи.“

Построги контроли

Министрите за труд и за финансии, Урсула фон дер Лајен и Волфганг Шојбле, најавија построги контроли за да се спречи работа на црно и дампинг на плати. Фон Дер Лајен денеска за „Билд ам зонтаг“ вели дека контролите ќе бидат особено заострени во градежништвото, установите за нега, гастрономијата и фирмите кои се занимаваат со чистење на објекти. За да се контролира повеќе, министерството за финансии веќе го зајакна својот персонал. „Одделението за финансиска контрола во делот на работа на црно, за годинава е проширено за 150 места, а во наредните две години треба да се вработат уште сто службеници“, изјави министерот Шојбле.

Автор: ЕМФ/ТТ/дв/дапд/дпа

Редактор: Трајче Тосев