1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Оџалан ги одобрува протестите против Ердоган

Лидерот на курдската работничка партија (ПКК) Абдула Оџалан ги одобри антивладините протести, кои веќе осми ден ја потресуваат Турција. Неговото одобрение доаѓа и покрај преговорите, кои ПКК ги води со турските власти.

„Сметам дека движењето на отпорот има право и го поздравувам“, рече лидерот на ПКК во порака прочитана од еден од замениците претседатели на прокурдската Партија за мир и демократија, кој го посетил Оџалан во затворот на островот Имрали, во северозападниот дел на земјата, каде курдскиот лидер одлежува доживотна пресуда.

Сепак, во пораката Оџалан ги повикува демонстрантите да не дозволат да бидат искористени од националистички средини или луѓе кои сакаат да извршат преврат. Тој ги повика демонстрантите да ги прифатат со „широко отворени раце“ демократските, револуционерните и прогресивните сили во Турција.

Демонстрантите во Истанбул минатата ноќ ја минаа во импровизирани шатори на плоштадот Таксим, подготвувајќи се за нова серија протести, кои можат да траат цел викенд. Шатори има поставено и во паркот Гези, чија реконструкција предизвика бран демонстрации во земјата. Во паркот дури е оспособена и импровизирана детска градинка со библиотека со детски книги на отворено и игралиште за демонстрантите, кои ги поминуваат ноќите таму со своите деца.

Дел од западните медиуми јавуваат дека во Њујорк се очекува илјадници луѓе да се вклучат во демонстрации во поддршка на протестното движење во Турција.