1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ОЈО истражува македонски функционери за перење пари во Србија

По трагата на изјавата на српскиот опозиционер Вук Јеремиќ, македонското Основно јавно обвинителство соопшти дека отворило истрага против високи македонски функционери за перење пари во соседната држава.

Една недела по изјавата на поранешниот српски министер за надворешни работи и актуелен претседател на опозициската Народна партија, Вук Јеремиќ за можна вмешаност на луѓе од блискиот круг на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во купувањето на фабриката „14 октомври“ во Крушевац, од македонското Јавно обвинителство денеска за агенцијата Макфакс потврдуваат дека отвориле предистражна постапка во врска со тие наводи.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по допрен глас поведе предистражна постапка заради постоење на индиции за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик“, се вели во изјавата од ОЈО. Оттаму потврдуваат дека се истражуваат наводите кои ги изнесе Јеремиќ во српските медиуми.

„Изјавата се однесува на наводно перење пари во Република Србија од страна на високи македонски функционери и нивната поврзаност со физички и правни лица од Србија и Чешка".

Повеќе на темата: 

Дали Груевски и Мијалков купуваат фирми во Србија?

Безбедносниот „пропуст“ со пиштолот на Мијалков носи вонредна меѓународна контрола!?

Јеремиќ минатата недела тврдеше дека продажбата на фабриката „14 Октомври" во неговата земја е дел од шемата за извлекување на валкани пари од Македонија и тоа во соработка со актуелната власт во Србија.

„Луѓето од тој режим (на Груевски, н.з.), а во прв ред Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција и десна рака на Груевски, панично тргнаа да ги извлекуваат парите стекнати со корупција во Македонија и да ги пласираат со разни шеми, преку рајски острови, Холандија, а во случајот на '14 Октомври', преку Чешка", рече  Јеремиќ.  

Јеремиќ уште тогаш (1 декември) тврдеше дека во Македонија се води „сериозна истрага", со учество на меѓународни органи, за Мијалков и други лица од поранешниот државен врв, но не прецизираше дали за овој случај или за некои други.

Како што пишуваше ДВ минатата недела, чешкиот конзорциум „Чехословак груп" ја купи фабриката „14 Октомври" од Крушевац, која беше во стечај речиси две години. На промоцијата на купопродажниот договор со српската влада  говореше Воислав Спаравало директор на СЦМГ, ќерка-фирма на „Чехословак груп" која го изврши преземањето на фабриката во Крушевац.

Спаравало, пак, долги години е бизнис партнер на поранешниот шеф на македонското УБК и братучед на Груевски, Сашо Мијалков. Двајцата долги години беа партнери во фирмата „Сервис Поинт ММ" од Чешка, а дури и живееле на иста адреса во Прага.
ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена излезе со демант на тврдењата на Јеремиќ. Од партијата велат дека „ниту претседателот Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков извлекувале пари од Македонија за да купуваат фирми во Србија“. 

DW.COM