1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Очекуван потег на Нимиц

Метју Нимиц изненади со амбициозниот речник и новиот предлог за надминување на спорот за името, но очекувано. Вака првично коментираат аналитичарите во Скопје по синоќешниот настап на медијаторот во Њујорк.

Иако е нејасно што точно Нимиц ставил на маса како документ на средбите со амбасадорите на Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, кој двете Влади во Скопје и Атина треба да го разгледаат, фактот дека по неколку години повторно е во игра терминот предлог, дава јасен сигнал дека се зголемува притисокот, коментира за Дојче веле Малинка Ристевска Јорданова, претседател на Институтот за европска политика: 

„Бездруго, синхронизираната активност на Метју Нимиц и Штефан Филе е повторен обид да се ’спакува’ договор за името за да се зголеми можноста за одлука за почеток на преговорите во јуни. Нимиц настапува со поамбициозен речник – ’ново мислење’ и ’конкретни предлози’, веројатно за да им овозможи на страните во спорот да можат да го претстават тоа како нивен успех.  Со тоа расте притисокот посебно врз македонската влада, од која се очекува позначаен исчекор кон решавање на спорот, особено поради засилената позиција што ја има по локалните избори. Дали е тоа реално зависи, пред се‘ од квалитетот на предлозите, колку тие навистина ќе бидат поприфатливи за македонската страна. Од друга страна, Владата веќе повлече висока црвена линија, користејќи го прашањето на името во изборната кампања за локалните избори, така што не остави голем простор за компромис“, смета Јорданова.

Засилениот ангажман на Нимиц и конкретниот предлог не го изненадува ниту поранешниот амбасадор Ристо Никовски. Тој предупредува дека сега се потребни мудри потези бидејќи тешко дека Нимиц ќе биде покоректен кон Македонија:

„Ангажманот Нимиц, овој пат во функција на интересите на Брисел, да се најде модус вивенди за доделување на датум на Македонија, за преговори за членство, мораше да заврши со конкретен предлог. Не знаеме што тој им врачил на двајцата претставници кои мнозина, крајно погрешно, ги нарекуваат ’преговарачи’. Ако тие навистина ’преговараат’ зошто би  чекале предлог од Нимиц и уште би се изненадувале од тоа што го добиле? Зошто, впрочем, владите би се изјаснувале ако тоа веќе било ’испреговарано’ од двајцата амбасадори? Значи, се работи за класична медијација во која посредникот го води орото. Иако најавата е дека Нимиц дал ’нов’ предлог, тешко е да се верува дека тој не е некаков сублимат на неговите досегашни ’идеи’ и ’размислувања’ кои беа целосно неприфатливи за Македонија. Сите тие го проблематизираа и доведуваа во прашање идентитетот на македонскиот народ, неговиот јазик, што беше апсолутно надвор од неговиот мандат. Нема никаква логика да се верува дека Нимиц сега би бил покоректен кон Македонија кога е таа блокирана и уценета од Брисел и Вашингтон а е животно заинтересирана за влез во ЕУ и НАТО. Ни останува мудро да одиграме, за да се види дека Грција воопшто не е заинтересирана за решение во овој момент, без непотребно да се експонираме“, коментира Никовски.

Новиот предлог на Нимиц следува по неколкумесечна динамика во процесот. Тој нагласи дека станува збор за ново мислење од негова страна и изрази надеж дека двете страни ќе пронајдат позитивни елементи и ќе се посветат на изнаоѓање решенија. Медијаторот потврди дека текот на процесот предизвикува интерес не само во ОН туку и кај САД и некои европски земји.