1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Очекуван извештај од Брисел

Петтата по ред препорака за старт на преговорите со ЕУ и серијата оценки и забелешки што еврокомесарот Штефан Филе ги соопшти на прес-конференцијата во Брисел не предизвикуваат изненаденост во Македонија.

Пораките во новиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија се главно очекувани, а според дел од аналитичарите и во функција на одржување на препораката за старт на преговорите.

Универзитетскиот професор Горан Илиќ во изјава за Дојче веле оценува дека извештајот бил главно позитивен. Во настапот на Филе тој препознава и конкретно поместување како што вели во функција на туркање на преговорите под привремената референца:

„Врз основа на презентираното, може да се заклучи дека станува збор за еден афирмативен став на Европската комисија во однос на реформскиот процес на Република Македонија и хармонизацијата на националното законодавство со легислативата на ЕУ. Она што може да се издвои за разлика од претходните извештаи е што овојпат Филе многу дискретно ја доближува позицијата на Комисијата во корист на Македонија. Тоа веќе предизвикува реакции во грчките медиуми со написи на негодување од грчката страна оквалификувајќи ја конкретно ЕК како пристрасна кон ситуацијата на Македонија, а притоа земајќи ја во предвид пресудата на меѓунардониот суд во Хаг што несомнено е во корист на РМ. Очигледно дека ЕУ со ваквиот пристап инвестира во придвижувањето на евроинтегративните процеси на РМ и можеби отвора пат за евентуален старт на преговорите со ЕУ со привремената референца, знаејќи дека Грција повторно во Европскиот совет би го блокирала приемот на земјата сѐ додека не се реши спорот“, смета Илиќ.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen

Малинка Ристевска Јорданова директор на Институтот за европска политика во изјава за Дојче веле коментира дека извештајот од Брисел е летаргичен и не дава многу ново. Забелешките и препораките во извештајот без конкретни критики според нејзе се со цел да се одржи препораката за почеток на преговори со Унијата:

„Факт е дека се задржува препораката со иста формулација дека земјата задоволително ги исполнува политичките критериуми, но во заклучоците тоа се релативизира во однос на фазата во претпристапниот процес во која се наоѓаме. Во политичките критериуми има доста критики особено за собранието, што беше очекувано со оглед на настаните од 24 декември, исто така и слободата на изразувањето. Во поглед на судството се констатира добра состојба во поглед на ефикасноста но загриженост за независниоста и квалитетот на одлуките, за првпат се употребува формулација дека постојат кредибилни наоди за селективна примена на правдата. Генерално ако се чита се гледа дека се избегнува оценката за ваков или онаков напредок, туку главно се даваат препораки што секако е со цел да се одржи препораката за старт на преговорите, но истовремено и на притисокот за решавање на името при што Филе повторно ја става топката на македонска страна. Тој за првпат забележа дека македонската страна треба да ги процени последиците односно цената на чинење на статус-кво ситуацијата и немањето на компромис што на некој начин е нова опомена“, смета Ристевска Јорданова.

Политичкиот аналитичар од Асоцијацијата Зенит, Зоран Нечев пак смета дека покрај повиците на еврокомесарот Филе за активен придонес на Македонија во процесот на создавање амбиент за решавање на спорот со името, овој пат се имплицира и конкретна временска рамка за решавање на истиот:

„Имено, Комисијата предлага веднаш да се отпочне со иницијалната фаза од процесот на преговори т.н. скрининг за чие времетраење би се работело на решавање на проблемот. Искуствата на земјите од Западен Балкан кои имаат започнато преговори кажува дека оваа иницијална фаза е со времетраење од отприлика една година. Притоа се истакнува дека ваквиот формален почеток на преговорите би дал импулс во решавањето на проблемот. Комисијата смета дека ваквиот пристап ќе придонесе и за зачувување на кредибилитетот на проширувањето во услови на негова нарушеност, кога петта година по ред дава позитивна препорака за отпочнување на преговори со Македонија, а Советот до денес не носи таква одлука. Со други зборови, отсуството на соодветна акција од страна на Советот во ситуација кога Македонија ги има исполнето формалните услови за почеток на преговори, води кон губење на кредибилитетот на процесот што негативно се одразува како на нивото на исполнување на критериумите за членство во ЕУ така и на можноста земјата дополнително да биде условувана“, смета Нечев.

Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија по петти пат даде препорака за старт на преговорите за членство на земјата во унијата. Се инсистира на брзо решение на спорот со името, а од забелешките како клучни остануваат веќе традиционалните од областа на владеење на правото, слободата на медиумите, политичкиот дијалог и реформата на јавната администрација.