1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Очекувам самитот во Букурешт да заврши поволно за Македонија

Интервју со македонскиот амбасадор во НАТО, Нано Ружин

default

Нано Ружин при добивањето на признанието - амбасадор на годината во НАТО

Господине Ружин, Вие во сите овие денови, кога ситуацијата станува се‘ повжештена, бевте оптимист што се однесува до членството на Македонија во НАТО. Дали сте сеуште оптимист?

Ружин: “Јас сум сеуште оптимист и мислам дека Македонија ќе добие покана за членство, затоа што од правен аспект гледано, и од правно-политички аспект, Македонија ги исполни сите стандарди што се неопходни за една држава аспирант да добие покана за членство. Мојот оптимизам се темели, значи, врз факти, но како што тоа обично бива во меѓународните организации, еден елемент кој што НАТО можеби го потценуваше на почетокот, а тоа е правото на вето на нашиот јужен сосед, може да ги искомпликува работите и во таа насока постојат можности за пречки, но како што овде се изјавува, па и самиот генерален секретар изјави - НАТО не се занимава со прашањето за името, НАТО се занимава со сите дострели кои што се остварени од страна на државите кандидати. Во таа насока, поаѓајќи од сите овие проценки, поаѓајќи особено од последниот состанок на Северно-атлантскиот совет со силната делегација на Република Македонија, предводена од премиерот и неколку министри во владата, која што остави извонреден впечаток, мислам дека и натаму постојат реални услови за да можеме да кажеме дека сме оптимисти пред почетокот на самитот во Букурешт.“

Зголемената дипломатска активност и на генералниот секретар на НАТО, Јаап Де Хоп Шефер, покажува дека ситуацијата е сериозна, независно од сите достигања на Македонија во изминатиот период. Што дознавте Вие, како амбасадор во Брисел,, по враќањето на Шефер од Атина?

Ружин: “Прво, и самиот истакна дека прашањето на спорот околу името не е прашање со кое што се занимава алијансата, а од друга страна истакна една реалност, а тоа е дека нашиот јужен сосед е веќе 55 години членка на алијансата, за разлика од Република Македонија, која што не е членка и нормално оттука може да се заклучи дека Грција како стара членка на алијансата има право да употреби повеќе инструменти за да го спречи влегувањето на Република Македонија во НАТО. Но, Шефер не кажа дека тие инструменти навистина ќе се употребат. Впрочем, и досега во ниту еден официјален осврт, грчката страна не го употребила зборот вето. Таа кажала дека ќе употреби различни видови инструменти. Имено, денеска прашањето на проширувањето во Букурешт се гледа како прашање со кое алијансата ќе пополни една позитивна, би рекол, празнина, затоа што во самото меѓународно милје добивањето нови членки е позитивен гест и алијансата тоа сака да го направи. “

Господине Ружин, на сите ни‘ е јасно дека Грција има конкретен и јасен став и сака да остане на ставот, дури и да биде изолирана. Меѓутоа, и Македонија стои на своите ставови и не сака да ги промени. Каде гледате можен излез во предвечерјето на самитот во Букурешт?

Ружин: „Видете, јас прво би сакал да кажам дека во овој миг мислам дека Македонија е единствена. Според тоа, сметам дека има решение, сметам дека сме многу блиску до членство во алијансата, без да отстапуваме од нашите основни принципи, односно да го менуваме нашиот идентитет. “

Како би можело да изгледа решението, ако ЕУ и НАТО настојуваат сите три земји, Албанија, Хрватска и Македонија, да ги примат во пакет? Знаеме дека сите 26 земји се повикани да ја потврдат одлуката. Значи, ако Грција не сака, дали Македонија ќе биде изземена или ќе помине предлогот сите да влезат во заеднички пакет, па подоцна да се бара некакво решение за името?

Ружин: „Прашањето за приемот не се врши во пакет. Тој се врши во пакет во смисла дека се примаат одеднаш, им се испраќаат покани на три членки, но приемот се врши поединечно за секоја држава. Но, јас сепак сум убеден дека напорите на големите држави членки на алијансата ќе доведат до одредени резултати. Мислам дека може да се надеваме на нешто. Нормално, не се исклучува и неуспех, но кога ќе ги измерам аргументите што се ЗА и аргументите што се оневозможувачки, кај мене сепак се зголемува чувството дека ќе се добие покана за членство затоа што постојат големи гео-политички и стратешки влогови околу ова проширување. Мислам дека едно прашање кое што Грција го зголеми до ненормални граници не е толку битно колку што е битно зачленувањето на Република Македонија во алијансата. “

Господине Ружин, на Балканот во моментов има констелации кои се можеби поволни, а можеби и неповолни. Не можеме да говориме за некои далечни времиња, кога во моментов се соочуваме со дел од историјата која што е важна за натамошниот опстанок на Балканот. Дали Европа е свесна за тоа како евентуален неуспех на преговорите за името би можел да се одрази на мирот и стабилноста на Балканот и во Европа, пред се‘ ако знаеме дека преседанот со Косово може да доведе до актуелизирање на старите барања за прекројување на граници и.т.н. Што мислите, дали Европа ја презеде одговорноста за овој дел на Балканот?

Ружин: „Европа е, би рекол, во фаза на транзиција, што се однесува до нејзината одбранбена и безбедносна политика. Сетете се, првите евросили беа испратени под името Проксима во Република Македонија. Денес тие ќе го заменат и УНМИК на Косово, но сепак, Европа во овој миг станува свесна за севкупниот влог за интергација на балканските држави, пред се‘ на Република Македонија, а исто така и САД. Во тоа е предноста на нашата аспирација, на нашите евро-атлантски аспирации. Мислам дека и Грција е свесна за тоа и можеби токму во оваа димензија мораме и ние самите, како аналитичари, да констатираме до која димензија овие закани на Грција се застрашување, а до која димензија е тоа реалност. Кога би го откриле тоа, ние би биле многу поспокојни. Така што, мислам, не-приемот на Република Македонија во НАТО ќе биде голем удар за евто-атлантската интеграција, пред се‘ за идејата, за вредностите на алијансата, затоа што многу работи и вредности кои што се со тешка мака изградени во Република Македонија, Македонија многу инвестираше во нејзиното членство, тие вредности има ризик да почнат да се уриваат. Тука не мислам само на нашите реформи. Тука мислам и на тој прекрасен меѓуетнички модел, кој што е изграден во Република Македонија, кој што е модел за останатите, а да не зборувам и за другите продори што државата ги прави на меѓународен план. Затоа, мислам дека Европејците и САД како наши најсилни сојузници се свесни за тоа. “

Како ќе помине состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, закажан за шести март во Брисел, последен собир пред самитот на алијансата во Букурешт, што ќе се одржи од 2 до 4 април 2008 година. Што очекувате? Како таму ќе се одвиваат работите? Ќе има ли големи изненадувања?

Ружин: „Денеска, мислам како никогаш досега, алијансата се соочува со состанок на министрите, кој е мала непознаница, во смисла на тоа колку држави ќе добијат зелено светло за покана за членство. Според моето мислење, овој состанок на министрите ќе мине во конфирмација на политиката на отворени врати, мислам зборувам за оној дел што најмногу нас не‘ интересира, во смисла дека тоа ќе биде поддршка за покана за членство на трите држави, но претпоставувам и со одредена интервенција на јужниот сосед, за да се има еден суспенс се‘ до самитот на алијансата во Букурешт. Кога веќе ќе зборуваат меѓу себе шефовите на држави и влади во Букурешт, тука може да се очекува поразјаснета слика. Се надеваме дека и во тој контекст, ќе имаме задоволство да бидеме, сепак, горди на овој самит и очекувам дека тој за Република Македонија ќе заврши поволно. “