1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Очекувам партнерство и поддршка од Грција“

„Мора да се изнајде компромис за спорот со името со Грција, од која ќе бараме партнерство и поддршка за нашиот евроинтеграциски процес“, вели потпретседателката на македонската Влада, Теута Арифи..

default

Потпретседателката на македонската Влада задолжена за евро-интеграции, Теута Арифи

Теута Арифи, потпретседателката на Демократската унија за интеграција, седна во „жешката фотелја“ во ресорот за евроинтеграции како потпретседател на Владата на Македонија, кој ќе треба во претстојниов, особено важен, период решавачки да придонесе кон деблокирањето на еврокандидатурата на земјата.


ДВ: Кои приоритети се доминантни во Вашата агенда на активности?

Арифи: Најголемиот приоритет е завршувањето на задачите, кои се поврзани со годишниот извештај на Европската унија, што се однесува на Република Македонија. Работам на работни средби со моите колеги-министри во однос на тој нов извештај.

ДВ: Каков очекувате да биде?


Арифи: Уште е рано да кажеме што ќе биде позитивно, а што негативно, но ќе добиеме коректен и добар извештај. Во ова преостанато време мој стремеж е да се направи колку е можно повеќе, заради добивање коректен, добар и позитивен извештај во однос на напредокот на нашата земја во поглед на Европската Унија.

ДВ: Отстапувањето на оваа вицепремиерска позиција на ДУИ во јавноста беше прокоментирано дека тоа, наводно, покажува оти „евроинтеграцијата не е повеќе во фокусот на вниманието на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ“ ...

Арифи: Имаме заеднички договор за заедничко владеење. Во него евроатлантските интеграции се меѓу стратегиските приоритети, кои беа кажани многу јасно во излагањето на премиерот Груевски во Собранието. Тој концепт е заеднички концепт на целата Влада.

ДВ: Со кои главни црти во него?

Арифи: Деблокирањето на евроатлантските интеграции и процесот за добивање датум за преговори остануваат висок приоритет за нас.

ДВ: Висок, или највисок?

Арифи: Лично за мене – највисок. Стабилноста и деблокирањето на евроатлантските процеси. Никако не ги потценувам и економските приоритети, фактот дека животот на луѓето треба да стане подобар. Но, мислам дека стабилноста и деблокирањето на евроатлантските процеси ќе придонесат кон стабилноста и подобриот економски развој на земјата.

ДВ: Беа запомнети Вашите колумни, особено преку дневниот печат, во кои отворено му порачавте на Никола Груевски, така да кажам, дека „часовникот и’ отчукува на заедничката коалиција“, ако не се реши спорот за името. Како претходен жесток и беспоштеден критичар на политиката на Груевски за евроинтеграцијата, дали би можело на овој план меѓу Вас и него да се случат одредени „дисонантни тонови“ во периодов што следи?

Арифи: Во принцип, целиот мој критицизам, најпрвин, не бил личен, туку принципиелен и се однесувал на принципиелни работи, какви што се евроатлантските интеграции, демократијата и вредностите, кои ни значат многу нам, како на земја. Како второ, на ова место јас сум дојдена како резултат на волјата на граѓаните, кои така гласаа. Ако сега не би се нафатила да работам на „прашањето на Европа“, тогаш би останала само како човек што зборува за Европа, но и кој не е подготвен да работи за тоа кога му се укажува можноста. Значи, јас сум подготвена дефинитивно да го дадам мојот придонес во целиот овој процес. Исто така, ќе се заложам тоа мое европско размислување или тој голем европски приоритет да биде повеќе „видлив“ како приоритет на сите, а не само како мој.

ДВ: Граѓаните на оваа држава овој пат вам, како на коалиција, и Вам како на вицепремиер, ви го вклучија тој часовник... Дали можете да споменете некои временски рокови?

Арифи: Нема да навлегувам во временски рокови, но ќе кажам дека за нас, како политичка партија, ни е многу значајно овој процес да биде ефикасен и брз. Со самиот факт што се вклучуваме на високо политичко рамниште токму во овој состав и се нафаќаме на прашања, кои се многу чувствителни токму од областа на евроинтеграциите, докажуваме дека сме свесни за потребата, оти сме свесни за тешкотиите. Но, исто така и дека сме подготвени да дадеме се’ од себе, со цел работите да тргнат од оваа точка.

ДВ: Дали сметате дека би можело да дојде до посериозен и опасен расчекор во стремежите и очекувањата меѓу Албанците и Македонците, ако се покаже дека навистина ќе бидат потребни повеќе години да се реши овој спор со Грција?

Арифи: Јас мислам дека и на Албанците и на Македонците во земјата им е потребно членството во НАТО и деблокиран процес за преговори со Европската Унија. Овој процес е гарант за стабилноста, за развојот и за одењето напред. Токму поради тоа мислам дека тој процес е клучен и многу значаен.

ДВ: На Илинденските чествувања премиерот Груевски кажа дека нема да се менува уставното име на земјата. Тогаш, како да се реши прашањето за името во ваков контекст?

Арифи: Во целина до сега секогаш била покажувана волја за компромис од аспект дека прашањето за идентитетот е работа за која не преговараме, додека се’ друго за што се расправа е прашањето на името за меѓународна употреба и тука гледам добра волја, чувствувам дека ја има.


ДВ: Мислите, од македонска страна?


Арифи: Така сфаќам, дека постојат волја и чувство за позитивно размислување и сметам дека треба да се искористи тоа.

ДВ: Дали може Македонија да игра на картата на емоции или и самата треба да преземе поенергични чекори, со цел да добие датум да преговори?

Арифи: Ниту Македонија, ниту која било друга држава, кога пристапува кон овие прашања, кои се од многу голем интерес, не треба да очекува или да бара милост, туку треба да си ги заврши обврските. Ние имаме многу конкретни обврски во однос на Европската Унија, многу јасно искажани во директивите. Тие обврски треба да ги завршиме и меѓу другото, во однос на главниот проблем што се поврзува со спорот за името да покажеме подготвеност да се нафатиме со него и да го решиме.

ДВ: Конкретно, како да се реши спорот? Дали сте оптимист дека може да се изнајде дипломатски компромис, прифатлив и за двете држави?

Арифи: Компромиси има за секој спор, па мора да има компромис и за овој спор. Решение има за секој спор, па мора да има и за овој спор. Ние само треба да покажеме подготвеност и зрелост дека навистина сакаме бргу да го решиме тој проблем, затоа што времето докажува оти треба да бидеме побрзи. Со новиот владин состав можеме да покажеме поголема подготвеност.

ДВ: Дали Вие ќе се спротивставите, ако дојде повторно до таква појава во законодавниот дом „да се штанцаат“ закони со предзнакот „европски“, да се изгласуваат на брзина законски акти, кои можеби и не се доволно квалитетни?

Арифи: Мое инсистирање ќе биде процесот на донесување закони, особено на европските, да биде низ нормална процедура, низ отворена јавна расправа, каде што има потреба за тоа. Значи, мојот ангажман ќе биде процесот на донесување на законите да биде со нормално темпо.

ДВ: Никако забрзано?

Арифи: Само ако имаме многу аргументи за тоа.

ДВ: Што недостасува друго во врска со зачленувањето на Македонија во ЕУ?

Арифи: Проблемот со името е политички проблем. Но, од друга страна, во процесот на преговарање и членување во Унијата има голем сет на директиви и работи, за кои треба да се испреговара и каде што ние треба да се „најдеме“. Имаме многу прашања, кои се поврзани со функционирањето на политичкиот дијалог, реформите во судскиот систем, подобрите здравствени можности за луѓето... Имате толку многу работи за преговарање, на пример, и на полето на екологијата, на полето на транспортот. Така што, сето тоа е сет на работи, кои треба да се спроведат, но што мислам дека апсолутно е во тек и ние тоа го правиме. Меѓутоа, едно политичко решение поврзано со прашањето за името би помогнало многу кон овој аспект.

ДВ: Која би била Вашата порака, како вицепремиер за евроинтеграција на Македонија, до грчкиот премиер Папандреу и до шефот на дипломатијата Ламбринидис?

Арифи: Ние сме соседна земја со Грција и очекувам токму од неа, од нашите колеги таму, поддршка за процесот на евроатлантската интеграција на Македонија. Нејзината интеграција во ЕУ е, исто така, од интерес за грчката страна. Очекувам вистинско партнерство и поддршка во овој процес. За ова официјално ќе се обратам до нив и ќе ја барам таа поддршка за Република Македонија и нејзината евроинтеграција.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Горан Чутаноски