1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Очајни мерки во очајни времиња

Спогодбата за СВИФТ, со која САД добија пристап до банкарските трансакции меѓу ЕУ и трети земји, наредната недела ќе се најде на гласање пред европските пратеници. САД ќе сторат се`за таа да помине во Парламентот.

default

СВИФТ-кодот неопходен за сите меѓународни трансакции

Европските пратеници беа многу изненадени кога група телохранители влегуваа во нивните канцеларии. Момците во костуми и слушалки во ушите ја најавија посетата на американскиот амбасадор во Германија. Откако ќе се сместеше во тесните канцеларии на европратениците, веднаш преминуваше на главното. Се работи за спогодбата за СВИФТ. Таа била многу важна за борбата против тероризмот. Тој, амбасадорот, се надевал дека Европскиот парламент ќе го изгласа договорот следната недeла. Во спротивно, САД ќе си обезбедат пристап до банкарските трансакции врз основа на билатерални спогодби и ќе го заобиколат Парламентот. Тогаш европските народни избраници ќе нема веќе што да кажат. Амбасадорот помина и кај Манфред Вебер, европратеник од редовите на ЦСУ:

„Американците лобираат за својата позиција и имаат право на тоа, и ако можам така да кажам, го прават тоа доста умешно и силно. Меѓутоа ние, како Европски парламент, имаме задача да ги застапуваме интересите на нашите граѓани и се надевам дека успеваме во тоа.“

„Американците беа груби“

Logo Swift

Сите проблеми настанаа откако СВИФТ го премести централниот сервер од САД во Швајцарија

Други пратеници, пак, го почувствувале разговорот со американскиот амбасадор како отворена закана, иако за тоа не зборуваат пред микрофон. Јан Филип Албрехт од партијата на Зелените го оцени настапот на Американците како „груб“.

„Американскиот амбасадор, но и претставниците на американското министерство за финансии и правда беа кај мене и се обидоа со екстремно груби мерки, според мое мислење, да ме убедат оти ќе било голема штета, ако не ја изгласаме спогодбата.“

Пристапот до приватните финансиски трансакции меѓу ЕУ и трети држави со години беше рутина во антитерористичката борба на САД. Банкарските трансакции беа технички проследувани преку белгискиот провајдер СВИФТ, чиј централен сервер се наоѓаше во САД. Меѓутоа, откако тој од оваа година е преместен во Швајцарија, пристапот до овие информации мора да биде поставен на други правни основи, односно потребна е спогодба меѓу САД и ЕУ, пред американските власти повторно да добијат пристап до банкарските трансакции. Иако министрите за внатрешни работи на ЕУ се согласија околу донесувањето на оваа спогодба, сега, со стапувањето на сила на Лисабонскиот договор, последниот збор го има Европскиот парламент - кој не е многу воодушевен од европско-американскиот договор.

„Европскиот парламент е самостоен парламент!“

Plenarsaal EU Parlament

Дали Европскиот парламент ќе попушти пред американскиот притисок?

Целта на САД е да го променат расположението во Европскиот парламент. Пред неколку дена не изгледаше дека мнозинството од пратениците ќе гласаат за спогодбата за СВИФТ. Дури и германските претставници на ЦДУ/ЦСУ се изјаснија исто како и активистите за заштита на граѓанските права. Ова ги алармираше американските антитерористички власти. САД очигледно почнаа да вршат притисок врз Европскиот парламент. Наводно, американскиот претседател Барак Обама телефонски и` се јавил на германската канцеларка Ангела Меркел. Содржината на разговорот во неколку збора: „Ние ќе испратиме трупи во Северен Авганистан и не ве критикуваме што ќе го зголемите вашиот контингент само за 850 војници, но гласајте за спогодбата за СВИФТ во Советот на министри.“

Во комисијата за внатрешни работи вчера се одржа пробно гласање, што треба да го покаже расположението за гласањето во Парламентот, една недела подоцна. Резултатот беше тесен: 29 пратеници беа против спогодбата, 23 гласаа за. Американскиот амбасадор ова го сфати како мал поттик. А противниците продолжуваат да се борат:

„Ние не сме продолжена рака на националните влади на земјите-членки, туку ова е самостоен парламент, кој сам си го гради сопственото мислење и самоуверено го застапува“, потенцира Биргит Сипел од СПД.

Автор: Кристоф Пресл / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска