1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Очалан ќе ги повика Курдите да го спуштат оружјето

Затворениот курдски лидер Абдула Очалан в четврток ќе испрати јавен повик до бунтовниците да го спуштат оружјето. Очалан ја потврдил информацијата од својата затворска ќелија.

Историскиот повик на Очалан ќе се случи в четврток, на денот кога Курдите ја прославуваат својата Нова година. Лидерот на курдската Партија за мир и демократија Селахатин Демиртас ја потврди намерата на Очалан откако го посети курдскиот бунтовнички лидер во затворот во близина на Истанбул.

„Сакаме да го решиме проблемот брзо, без губење на време и животи“, порачал Очалан во изјавата која ја прочита Демиртас. Официјална Анкара започна преговори со Очалан во октомври минатата година со надеж дека на тој начин ќе се стави крај на 28 годишниот конфликт кој досега однесе речиси 40 илјади животи.

Се очекува дека освен повикот да го положат оружјето, Очалан ќе побара од бунтовниците и да ја напуштат турската територија и да се вратат во своите бази во северен Ирак.

„Изјавата која ја подготвувам ќе биде историски повик. Таа ќе содржи задоволувачки информации за воената и политичката димензија на решението“, рекол Очалан.

За возврат, се очекува турскиот премиер Речеп Таип Ердоган да продолжи да го турка планот со кој преку уставни измени ќе им се овозможи поголема политичка и културна автономија на Курдите во земјата.