1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Охрид меѓу желбите и инертноста

Годинава Охриѓани бележат послаба туристичка сезона од лани. Причини за ваквата состојба се нестабилното време во јуни и почетокот на јули, рецесијата и одливот на домашните гости кај соседите, високите цени.

default

Приказната се повторува повеќе од деценија. Причината за осцилациите во охридскиот, а со тоа и македонскиот туризам, не се само во лошото време, светската криза. Проблемот лежи во неорганизираноста, стихијноста и недефинираната стратегија за развој на туризмот. Евиднетно е дека сезоната на охридската ривиера донесе далеку помалку гости. Ништо ново, статистиката ќе стигне предоцна. Во Охрид посетеноста се мери по продадените парчиња леб, немањето место на паркизите, отсуството на дивите станоизадавачи на автобуската станица и приодите на градот и околните туристички населби. Охрид виден со очите на популарниот локален радиоводител Жанко Зш изгледа вака:

„Добредојдовте во Охрид, градот на светлината и на лесковачката скара, американските крофни, турбо –фолк калаштурите на плоштадот и детските возови од 1943 година.“

Со ова се сложува и Љупчо Патче еден од најискусните угостители во градот:

„Требаше Охрид да го направиме едно врвно туристичко место по примерот на Кан , Ница.“

Ohrid

Нема туристи со многу пари

За една ноќ во приватното сместување ќе платите од 4 до 40 евра, а хотелските аранжмани се движат од 25 до 70 евра.Тие што плаќаат и трошат добро ги нема многу. Охрид стана најподатлив за младите, со жалење констатира Патчев:

„Ми се чини дека од тоа што го очекувавме, не е остварено ниту 30 проценти. Охрид го наравиме како град за деца, не го направивме некое култно место за повозрасни луѓе.“

Профитираат сопствениците на сендвичарниците, рестораните за брза храна, летните плажи и шанкови. Климент е шанкер во Акварисус, цели 15 години култно место за гостите, пред се од Скопје.:

„Летната сезона беше релативно добра. Претежно беа гостите од минатата сезона. Во текот на цело лето беше намален интензитетот поради лошото време и високите цени во Охрид. “

Перо Кутаноски од хотелот „Гранит“ се жали дека туристичките агенции само носат гости надвор, а ретко ги продаваат охридските хотели. За закуп на соби не станува ниту збор:

„Ние сме подготвени да работиме со агенциите исто како што тие работат со Грција, Турција и други дестинации. Се прават закупи од претходната година или во јануари. Се плаќаат пари фиксно, за жал кај нас не дошле да понудат таква соработка .“

Итно е потребна нова понуда

Анимирањето на туристите и новите алтернативни форми на туризам мора што побрзо да ги понуди и Охрид согласни се сите. Меѓународниот нуркачки инструктор од клубот „Амфора“, Милутин Секулоски, вели дека тие прават напори кои се чека да бидат успешни:

„Летово беше тука најдобриот подводен фотограф од Холандија. Со него направивме извонредно добри фотографии под вода во езерото. Ќе бидат објавени во холандското највисоко тиражно наутичко списание, а ќе стигнат и на страниците на најпопуларното германско списание за овој спорт, „Таухен“. Овде беше и еден од најголемите тур-оператори за наутички туризам “.

Пофалби и забелешки

Коментарите на туристите различни:

„Да, убаво е ама не е толку ефтино ако што ни беше речено,“ констатира еден гостин од Србија.

„Моментно не ми се допаѓа, бидејќи има многу луѓе. Инаку, се друго е ОК. Цените се исти како и во Скопје, на пример.“

Охрид се гледа како место за заработка. Танас од Кочани 8 лета црта портрети на плоштадот:

„Во споредба со минатите години , оваа беше нешто послаба. Црно - бел потрет чини 1000 а во боја 1500 денари.“

И од продажба на пуканки може добро да се живее , вели Благоја.

„Пуканките биле и секогаш ќе бидат летен бизнис. Ако не беа 65 проценти гостите од Србија, ќе имавме „тапа “сезона.Тие се добредојдени. “

Panoramabild von Ohrid

Потребна е нова туристичка понуда

Скулпторот - академик Томе Серафимоски вели дека и државата и локалната власт треба да размислат кон каде се движи Охрид:

„Охрид може да го изгуби дури и статусот - град на УНЕСКО. Во Охрид сите се однесуваат како сите да знаат се“.

Уште некој ден, па Охриѓани ќе бидат сами. Ќе можат да анализираат колку потрошиле, колку заработиле. Ќе престанат забелешките на прегласната музика, неконтролираните огномети за секаков повод, бродските крстарења во ноќта, турканиците по чаршијата, преополните контејнери и се‘ друго. До идното лето има доволно време да се понуди нешто ново, примамливо и прифатливо за секој турист.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска