1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

„Охридскиот договор- единствено решение за одржлив развој на Македонија“

Во интервју за Дојче Веле универзитетскиот професор Владо Поповски, еден од експертите кој ги пишуваше македонскиот Устав и делови од Рамковниот договор говори за значењето на овие документи за самостојна Македонија.

default

Професор Владо Поповски

Уставот и Рамковниот се два взаемно испреплетени документи во македонското мултиетничко општество. Првиот акт е направен како политичка брана пред експанзионистичките налети на српскиот национализам, но и опасноста од вовлекување на земјата во воените дејствија на ЈНА при распадот на југо-федерацијата. Охридската спогодба, една деценија по усвојувањето на највисокиот акт, произлезе по изолиран и автохтон конфликт што ја спречи меѓуетничката крвава драма, со можна поделба на Македонија преку граѓанска војна, но и со идеи за етничко-територјална демаркација меѓу Македонците и Албанците. Оваа оценка ни ја предочува професор Владо Поповски, еден од авторите на конституивните акти.

„ Уставот ние го работевме како акт на независна и самостојна држава. Ние влеговме во интензивно размислување за Устав веднаш по референдумот, но со пишување на неговите одредби во првите три месеци од 1991 година, кога во мајските празници, првата верзија му ја предадовме на Претседателот Глигоров, кој требаше да се појави како иницијатор за негово донесување“.

Mazedonische Soldaten

Фотографија од времето на конфликтот во Македонија

Македонците да го одржуваат Рамковниот договор

Поповски ни одговори – како од денешен аспект гледа на Рамковниот договор, што се имплементира како амандмани на уставот пред една деценија: „Тоа е единствено решение за одржлив развој на самостојна Македонија. Ако некому е тесна кожа во него тоа е повеќе на Албанците, одошто на Македонците кои треба да го одржуваат се додека овој охридски документ има висока подршка во меѓународната заедница“

Професор Владо Поповски е историчар на правото, екс-министер во влади на СДСМ, советник на претседателот Трајковски, прв директор на Агенцијата за разузнавање, сега дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во градското собрание. И за цело време е упорен трагач по руските архиви за македонската историја. Тој припаѓаше на либералното крило интелектуалци кои во раните 70- ти години од минатиот веј беше во судир со тогашните конзервативни и тврдо- југословенски ориентирани комунисти.

Клучна улога на Фрчкоски во составувањето на Уставот

Професор Поповски со малку носталгија, но прецизно се присеќава како и кој го работел Уставот на самостојна Македонија. Предходно познатиот уставопишувач починатиот академик Евгениј Димитров ја одбил понудата на експертската влада да состави акт на самостојна држава, зашто наводно рекол дека нему му требаат најмалку шест месеци да собере компаративна литература, а дури потоа да почне со пишување на одредбите. За разлика од него, тогаш младиот доцент Љубомир Фрчкоски, како министер без ресор, на премиерот Кљусев му ветил дека за неколку месеци ќе состави работен експертски тим и ќе биде напишан уставот за да се води дебата во Парламентот, се присеќава професорот Поповски.

„ Клучна улога имаше Фрчкоски кој беше добар познавач на модерните европски човекови права и слободи. Јас ги дооформував во правни норми неговите и предлозите на професорот Лазар Китоновски. Ние работевме по малку партизански, во една моја доградба, со расфрлени 30-тина устави, пред се’ хрватскиот, шпанскиот и дел од францускиот устав“, зборува Владо Поповски.

Ljubomir Frckoski

Љубомир Фрчкоски (на сликата) со клучна улога за Уставот, вели Поповски

Најделикатна дилема- статусот на Албанците

Тој ја имаше обврската и да ја состави Преамбулата на Уставот, што требаше да го изразува историскиот континуитет. Притоа се соочи со најделикатната дилема каков статус за Албанците – малцинство или рамноправен народ?

„ Албанците инсиситираа македонската држава да се дефинира, како национална држава на македонскиот народ, но инсистираа да се доддаде дека е и држава на Албанците. На Уставна комисија не помина таков предлог“, вели нашиот соговорник.

Преамбулата на Уставот наспроти начелата на Крушевскиот манифест од 1903 и АСНОМ, беше чекор назад, зашто Манифестот на илинденците зборува за соотечественици, зборува за заедничка држава на сите етнички групи и со тоа беше најдемократски поставената формула на Преамбула. Потоа 1944 година асномците се определија за рамноправност но го употребува и терминот малцинство.

Одбегната замката на македонскиот национализам

Тројцата уставотоворци, а потоа и уставната комисија, составена од пратеници и експерти и предводена од Стојан Андов, ја немаа храброста да ги преземат уставните решенија од федерацијата и амандаманите од 1974 година. Тогаш Албанците и во Македонија добија статус и права на конститутивен народ, со целосна рамноправност на нивниот мајчин јазик, како официјален во дебатите на републичкото и федерално собрание.

„Но ги одбегнавме замките на македонскиот национализам од средината на осумдесетите. Ние се соочивме со антиуставен меморандум на 50-тина академици, историчари, писатели, универзитетски професори кои бараа само македонскиот народ да биде носител на државноста. Нивните критики за концептот на мултиетничност добија подршка и кај двете македонски партии - ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, оценува Поповски.

Kiro Gligorov

Првиот македонски претседател Киро Глигоров

Поповски и Фрчкоски заедно и за Рамковниот договор

Судбината сакаше универзитетските професори Владо Поповски и Љубомир Фрчкоски, повторно да се спојат и да бидат дел од советничкиот тим на екс-претедателот Борис Трајковски, кој модерираше со охридските завршни разговори околу Рамковниот договор.

„ Пресвртица во неговото донесување беше самото ескалирање на конфликтите. Потоа следуваше изјавата и документот на Роберт Фровик, кој беше еден од американските експерти за модерирање на меѓуетничките односи. Во него, имаше шест точки кои приближно беа основа на рамковниот договор. За тоа Фровик беше прогласен за персона нон грата. Јас напишав основа за рамковниот што им го предадов на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и тие тоа писание го прифатија. Но на крај изненадување беше таканаречената Призренска декларација со која на Ахмети, како водач на ОНА му беше даден политички легитимитет, со тоа што потписи ставија тогашните лидери на ПДП, Имери и на ДПА Џафери.“ , вели професорот Поповски.

Заговараната поделба на Македонија- закана за Грција

Тој како пресвртен и драматичен миг ги оценува предлозите на Љубчо Георгиевски да бидат прекинати охридските преговори, и да се појде во воена офанзива против тогашните терористи, како што беа нарекувани. Тој уште тогаш заговараше можна демаркација по етничка линија меѓу Албанците и Македонците, што претседателот Трајковски и го одби.

„ Јас му предочив на Герогиевски дека со таква преселба албанска Корча би припаднала кон Македонија, што пак ќе беше порака до Грција и меѓународната заедница дека Македонија има територијални претензии“, се присетува професорот Владо Поповски.

Глигоров заслужен за мирното осамостојување на државата

Тој со позитивна енергија ја оценува улогата на првиот претседател Киро Глигоров кому му оддава признание дека македонската самосотојност ја извел со мирна дисолуција и покрај отпорите на генералштабот на ЈНА и српскиот националист Слободан Милошевиќ.

„Не смеете да заборавите дека ЈНА замина од Македонија 1992 година, а дотогаш имаше 40 илјади војници под своја команда и огромен арсенал на тешко наоружување, со кое немаше шанса да се справиме“, вели во интервју за Дојче Веле универзитетскиот професор Владо Поповски, еден од експертите кој ги пишуваше македонскиот Устав и делови од Рамковниот договор.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Симе Недевски