1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Охридската бела флота среде лето „заробена“

Охридските бродари денеска протестираат против забраната за пловење изречена поради истечена гаранција за пловилата. Надлежното министерство вчера побара од нив да ја обезбедат потребната документација.

default

Тажна слика сред лето. Наместо да се украс на синото езеро, охридските бродови принудно се вкотвени во пристаништето. Државата со забраната за пловидба на бродовите поради истечената регистрација, која за сопствениците на пловилата е дискутабилна, го падна овој бизнис на колена.

Две недели Здружението на бродари од Охрид со Министерството за транспорт и врски и лично со министерот Миле Јанакиески бараа решение како да се надмине проблемот. Како генератор на проблемите тие ја посочуваат нестручноста на Капетанијата во Охрид и бараат смена на капетанот и нејзина реорганизација по европски терк, како што таа им ја наметна прескапата за нив француска фирма „Биро Веритас“. Претседателот на Здружението на бродари и заповедник на бродот „Галеб“ Горан Устијаноски за Дојче веле изјави:

Schiffsunglück auf dem Ohrid See in Mazedonien

Никој не сака да се повтори несреќата со бродот „Илинден“

„Најдобро решение за новонастанатиот проблем би било смена на член во законот што го ограничува постоењето на пазарните принципи за избор на регистар за технички преглед на бродовите. Не по наша вина недостасува дел од техничката документација за бродовите, а од „Биро Веритас“ се децидни дека таа треба да се има и дека нејзиното ново изготвување е врзано со огромни суми. Тоа не се поклопува со кажувањата од Капетанијата дека техничкиот преглед чини 5.600 евра. Таа цена со дополнителните процедури трипати ќе се зголеми.“

Бродовите не пловат, загубите се зголемуваат

„Владата се прокламира како антимонополска, а нам не ни дава право на избор на компанија за технички преглед на бродовите“, вели разочарано Васко Јанески, заповедник на бродот „Кристина “: „Зошто за проектот на Јавното градско сообраќајно претпријатие во Скопје не купија автобуси од „Рено “- Франција или „Мерцедес “ - Германија, туку зедоа кинески автобуси.“

За само две недели, според бродарите, минусот е околу 22 илјади евра и околу 6 илјади непревезени патници. По нечиј налог некој ни го скрои есапот, ни изјави Зоран Гилески сопственик на бродот „Александрија“: „Карикирано губиме по 300 – 400 евра дневно. Пари кои би ги покриле трошоците за екипажите за цела година, за едноставно да живееме.“

Охрид и без грдата приказна со забраната на бродовите ја „живее“ најслабата сезона во последнава деценија. И комплексот Свети Наум трпи огормни штети. Никола е еден од засегнатите:

„Сега гостите поради далечината од 30 километри го избегнуваат Свети Наум и одат во поблиските локалитети до градот. Тоа негативно влијае на сите што работаат тука: скари, ресторани, продавачи на сувенири или пак како превозници на туристи до изворите во Свети Наум.

Ohrid

Црквата на Свети Наум

Самата сезона е слаба, а непловењето на бродовите е удар плус. Ако сезоната е послаба за 30 до 40 одсто, во Свети Наум таа е послаба дури за 50 проценти.“

Помaлку гости, помал промет, помали плати

„Не само газдите, последиците ги трпиме и ние сезонски вработените“, вели Иванка:

„Прометот е доста намален, поради помалиот број туристи. Поради малата посетеност ни се намалени и платите. Газдите се очајни, нема туризам.“

За жал атракцијата пловење со брод до Свети Наум што им ја ветивме на гостите, кои не се од Македонија, не им ја исполнивме, ни рече Силвана од Скопје: „Секогаш се фалиме со Охрид и неговите убавини и се фалевме дека ќе ги шетаме со брод до Свети Наум, но годинава испадна како да ги лажеме. “

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Горан Чутаноски