1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Отчети на градоначалниците или предизборна кампања

Во Македонија последниов месец зачестија отчетите на градоначалниците. Според експертите и граѓаните тоа е добро и треба да биде редовно, а вака повеќе наликува на предвремена изборна кампања.

default

Велес

Градоначалниците имаат убава можност својата работа и проектите кои ги реализирале, со отчет да го изнесат пред граѓаните кои ги избрале. Тоа е нивна законска и морална обврска.

Не е во ред градоначалниците да прават отчети во национални медиуми. Пример градоначалникот на една општина од источна Македонија да дава отчет пред граѓаните од општина во западна Македонија. Тоа е нерационално трошење на средства и остава лоша слика во делот на отчетноста, потенцира за ДВ, Зоран Заев, градоначалник на Општина Струмица од редовите на опозицијата и појаснува: „Отчетот треба да биде буквално катадневен. Општините имаат една од обврските транспарентното работење, коешто е и законска обврска, но и морална обврска на политичарите. Општина Струмица и градоначалникот Заев, својот отчет го даваат секој последен четврток во месецот. И тоа веќе преку 88 месеци‘‘.

Sozialdemokraten, Kongress in Mazedonien

Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев (во средина)

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски од редовите на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, по прашањето за својата отчетноста ни појаснува, „Јас се трудев на крајот од секоја година да ги информирам граѓаните како и каде се потрошени парите кои проекти се реализирани. Меѓутоа сега на крајот од мандатот ќе имам направено во пишана форма еден отчет во кој е наведен секој покрупен проект кој е реализиран‘‘.

Според граѓаните и експертите наместо отчет - предвремена кампања

Поголемиот дел од граѓаните кои ги анкетиравме, велат дека давањето на отчет, сега им личи на вистинска предизборна кампања и оти градоначалниците тоа треба да го прават многу поредовно. Еден од нив ни појаснува : „Тоа треба да се работи секоја година, ако не двапати, трипати годишно, барем еднаш годишно да се дава отчет на граѓаните, бидејќи градоначалниците живеат и се финансираат од средства на граѓаните. За жал тоа не е така, минат четири години и на крајот прават рекапитулација кој што направил. Тоа е симболично со оглед на тоа што граѓаните издвојуваат средства за функционирање на локалната самоуправа по разни основи‘‘.

Впечаток е дека во Македонија кампањата почна пред да биде донесена одлуката за локални избори, оценува еден од врвните експерти по локална самоуправа проф д-р Гордана Силјановска. Според неа во нерамноправност се ставаат оние кои за првпат ќе се кандидираат, со оние кои веќе се градоначалници. Таа смета дека мандатот на градоначалниците треба да се ограничи најмногу двапати, особено во земји без голема демократска традиција како што е и Македонија. Сето тоа бидејќи има опасност да премине во бонапартизам и слично. Професор Силјановска им замерува на високите државни фукционери и лидери на партии кои на овие отчети одат заедно со градоначалниците и така граѓаните ги доведуваат во заблуда.

Gordana Siljanovska

Професоркта Гордана Силјановска

„И човек не знае, ние граѓаните не знаеме всушност за какви избори се работи, дали за локални или за парламентарни. Значи вообичаено би било ние да се среќаваме да ги слушаме оние кои биле дел од локалната власт или кои имаат намера да бидат дел од локалната власт. Но тоа се тие проблеми со македонската демократија‘‘.

Наместо локални се презентираат недефинирани прашања

Експертите оценуваат „граѓаните во кампањата многу ретко слушаат аргументи кои се однесуваат на локалните проблеми, а многу често за прашања кои се недефинирани и не се однесуваат на локалните интереси. Според нив, градоначалниците пред граѓаните треба редовно да поднесуваат деталан отчет за проектите што ги направиле во својот мандат. На кандидатите кои за првпат ќе се кандидираат им порачуваат, во своите програми да напишат што е тоа подобро, што ќе го направат од досегашните градоначалници‘‘.