1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Отровно писмо за градоначалникот на Њујорк

До градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг е испратено писмо кое содржи отров рицин. Експерти за борба против тероризам на ФБИ се вклучија во истрагата.

Писмото адресирано до градоначалникот на Њујорк (на фотографијата) кое содржи отров рицин било фатено уште во петокот (24.05). Во писмото има закани до Мајкл Блумберг поради неговата поддршка на иницијативата за построга контрола на оружјето во САД. Рицинот е силен отров и со инхалирање на многу мали количества може да настапи смрт.

Полицијата вчера (29.05) соопшти дека слично писмо со рицин и закани е упатено и до директорот на организацијата „Градоначалници против илегалното оружје“, Марк Глаце. Таа организација е формирана на иницијатива на Блумберг, а членови се повеќе од 950 градоначалници во САД кои бараат поостар закон за оружје.

Отровното писмо до Блумберг е отворено во поштенско одделение во градската управа на Њујорк, изјави полициски портпарол. Кај дел од полицајците кои дошле во контакт со сомнителната супстанца настапиле благи знаци на труење со рицин. Во меѓувреме интензитетот на симптомите е намален. Кај Глаце, кој писмото го отворил сам во неделата во Вашингтон, не се забележани симптоми на труење.

Телевизијата Си-Ен-Ен јави дека двете писма имаат ист печат. Во април отровни писма беа испратени до американскиот претседател Барак Обама и републиканецот Роџер Викер, но тие беа навреме откриени во поштенските одделенија на Белата куќа и во Капитол и не предизвикаа штети. Вакво писмо доби и една судијка во Мисисипи.