1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Отровни хемикалии и во скапата облека за деца

Гринпис неодамна утврди постоење на опасни хемикалии во облеката за деца, без оглед дали станува збор за евтина или скапа облека. За кои отрови станува збор, колку се тие опасни и како да се излезе на крај со проблемот?

Гринпис купи 82 парчиња облека за деца. Шопинг-турата на соработниците на оваа еколошка организација води низ 25 земји и опфаќа 12 брендови, меѓу кои и луксузни марки. Еколозите, по направени лабораториски анализи, утврдија дека во облеката за деца има траги од цела низа отровни хемикалии.

„Токсиколозите сметаат дека при вакви концентрации во облеката нема акутен ризик за децата“, објаснува експертот на Гринпис Манфред Зантен за Дојче веле. Сепак, тој на купувачите и родителите им препорачува да бидат внимателни кога купуваат. Отровните хемикалии денес се користат при производство на сите текстилни производи.

Многу поголема е опасноста за оние кои се занимаваат со производство на ваквата облека. Во фабриките каде што текстилот се фарба, ткае или шие, работниците секојдневно доаѓаат во директен контакт со отрови. Хемикалиите се испуштаат во големи количества и во околината и ја загадуваат. Тие во еко-системот се концентрираат и преку водата и почвата се враќаат назад во синџирот на исхрана. Особено лоша е состојбата во Азија, каде се сместени голем број производители на текстил.

Што, зошто, како?

Гринпис ги тестираше парчињата облека на пет вообичаени хемикалии кои се користат при производство на текстил - фталати, нонилфенолетоксилати (НПЕ), перфлуоројаглероди (ПФЦ), органоцидни соединенија (најприсутен е биоцидот) и антимон.

Фталатите се супстанција која влијае врз хормоналниот систем. Тие влијаат врз плодноста и го зголемуваат ризикот од проблеми при бременоста и раѓањето. Освен тоа, фталатите го зголемуваат и ризикот од рак. Фталатите се биолошки разградливи, но тој процес може да трае многу долго, односно тие претходно веќе се примени во телото. „Највисока вредност на фталати најдовме кај облеката со пластисол-налепници“, објаснува Зантен за ДВ.

НПЕ се тензиди со кои, на пример, се пере облеката откако ќе биде обоена. И овие супстанции влијаат врз хормоналниот систем. За разлика од фталатите, НПЕ-супстанциите не се биолошки разградливи. Нонилфенолот е екстремно отровен за водните животни. За разлика од Азија, во Европа овие супстанции не смеат да завршат во отпадните води. „Но штом облеката се пере во машините за перење во Европа, НПЕ сепак завршуваат во водата“, објаснува експертот на Гринпис.

Текстилот се третира и со ПФЦ-соединенија за да не впива вода. ПФЦ може да се најде пред сѐ во јакните за дожд и во чевлите. Гринпис утврди постоење на вакви хемикалии и во костумите за капење. „Можеби така се плива побрзо“, вели Зантен и додава дека Адидас не можел да му објасни на Гринпис како хемикалиите се нашле во костумите за капење. Не се познати сите последици од ПФЦ по животната средина. Заштитникот на животната средина претпоставува дека тие би можеле да предизвикуваат рак и болести на бубрезите.

Биоцидот се користи пред сѐ при производство на памучна облека. Тој убива бактерии и габички и го штити текстилот за време на долгиот транспорт од производните хали до продавниците.

Антимонот служи како катализатор во производството на полиестер. Во повисоки концентрации може да биде отровен. Процентот на антимон пронајден од страна на Гринпис во облеката за деца, меѓутоа, не е опасен за тој што ја носи облеката. Сепак, Зантен преудпредува дека антимонот може да ѝ наштети на животната средина при производството на облека и отпадните материи што од тоа произлегуваат.

Зафаќање со проблемот

ЕУ воведе строги критериуми кога се работи за дозволените гранични вредности на хемикалии во играчките за деца. Но овие критериуми не се однесуваат на детската облека. Како реакција на извештајот на Гринпис, претпријатијата чија облека беше испитувана, тврдат дека измерените концентрации се ниски и не претставуваат ризик за здравјето.

Дел од нив ветија дека ќе се позанимаваат повеќе со оваа тема. Ирскиот дискаунтер за текстил Примарк се повикува на „строг систематски надзор на хемикалиите, кој сосема соодветствува на насоките на ЕУ“. Дел од 18-те модни брендови, како на пример H&M, се обврзаа на долг рок да произведуваат облека сосема без опасни супстанции. Меѓутоа, Гринпис не сака сѐ да се заврши со самообврзувањето на производителите. Заштитниците на животната средина бараат европските законодавци да воведат построги закони за употреба на хемикалии.

Според Зантен, и земји како Кина, која е срце на текстилната индустрија, мора подобро да ја регулираат употребата на опасни супстанции. „Веќе има напредок. На пример, кинески политичари се интересираат за европската регулатива и за тоа како тие би можеле да делуваат.“ Но додека да бидат донесени закони и додека тие да почнат да покажуваат ефекти, често минуваат многу години. На сите оние што се загрижени поради тоа дека би можеле да дојдат во допир со отрови, Зантен им препорачува добро да ја перат облеката пред да ја облечат првпат.