1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Отприлика на половина пат за излез од кризата

Што ќе се случува со еврото? Најлошото е поминато, тврди политиката на прагот на новата година. Економските експерти во Брисел остануваат претпазливи и стравуваат!

Девизата на врвот на ЕУ гласи - да се искаже самодоверба, да се шири оптимизам! „За мене 2012 година е пресвртна“, изјави претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој во своето божиќно обраќање. „Со Европа управуваме во насока на излез од кризата, чекор по чекор.“

„Без фундаментални реформи кризата може да се врати“

Експертите во Брисел остануваат претпазливи, но и тие на прагот на новата година чашата повеќе ја гледаат како полуполна, отколку како полупразна. Јанис Емануилидис од Европскиот центар за креирање политики, оценува: „Ситуацијата е подобра отколку пред неколку месеци. Што се однесува до иднината на еврото сум помалку загрижен, но тоа никако не значи дека треба да се запре со напорите.“

Janis Emmanouilidis

Јанис Емануилидис

Сличен е ставот и на Гунтрам Волф од бриселската тинк-тенк Бруегел: „Отприлика сме на половина пат за излез од кризата.“ Тоа што е постигнат толкав напредок се должи пред се‘ на Европската централна банка, односно најавите на Марио Драги дека ќе се стори се‘ за спас на еврото. „Оваа најава, без ЕЦБ да преземе што било друго, беше многу успешна и многу ја намали веројатноста од распад.“

Финансиските пазари сега веќе не веруваат дека монетарата унија ќе се распадне. Но, економските експерти во Брисел предупредуваат - се‘ може да се претвори во чад многу бргу. „Ако државите членки не се подготвени да го спроведат ветеното, имено фундаментална реформа на европската економска и монетарна унија, тогаш кризата може бргу да се врати“, вели Емануилидис.

Непрецизно набројување наместо јасни реформи

Првиот лош знак веќе го поставија шефовите на држави или влади на ЕУ на последниот самит, критикува Емануилидис. „Резултатот од самитот во декември заостанува многу зад очекувањата, имено - да го покаже патот по кој ќе се оди во наредните години.“

Guntram Wolff

Гунтрам Волф

Наместо јасен план за реформи, има само непрецизно набројување околу тоа за што ќе се разговара во наредните месеци. Сите идеи за тоа како да се зацврсти монетарната унија преку поголема финансиска солидарност на една страна и поголемо обврзувачко дејство на договореното на друга страна, се одложени на долг рок. Една од причините за тоа, смета Емануилидис, е ставот на политиката дека кризата веќе не е толку опасна како што беше во текот на изминатата пролет. За тоа, според него, има и друг фактор - претстојните избори во 2013 година, меѓу другите и во Германија, и желбата „некои работи да се одложат за потоа“.

Во 2013 година работата на европско ниво ќе биде одбележана пред се‘ со работите на создавање на банкарската унија. Според Гунтрам Волф, тоа е важен чекор за да се отстранат системските грешки на монетарната унија. Тој, меѓутоа, нагласува дека банкарскиот надзор мора брзо да стане ефикасен, зашто „ништо не е полошо од тоа да се создаде банкарски надзор, кој нема да има капацитети да си ги извршува задачите“.