1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Отпор против новоградбите и покрај кусокот од станбен простор

Во големите германски градови, како Хамбург и Минхен, недостасуваат стотици илјади станови. Цените растат во недоглед. Изградба на нови станови е итно неопходна, но...

Во Минхен недостасуваат илјадници станови. Место за тоа има пред се' на периферијата на градот, поточно во Планег, општина Минхен. Таму се планирани 380 станови и куќи, меѓутоа во местото има отпор.

Жителите стравуваат од повеќе сообраќај и од бучните градежни работи и не ги сакаат новоградбите. „Правата реакција беше неверојатен уплав. Тоа не е можно“, вели една постара госпоѓа. „Ова е прекрасна населба и не сакам да си одам од овде. Но знаејќи дека овде уште ќе се гради, не знам дали тогаш би се чувствувала како полнокрвна планежанка“, се надоврзува една помлада сограѓанка.

Но изградбата е неопходна. Во големите германски градови, како Хамбург и Минхен, недостасуваат стотици илјади станови. За разгледување на становите често се пријавуваат десетици кандидати и затоа растат кириите. Улрих Фајфер, истражувач на пазарот на недвижности истакнува: „Сопственикот вели, барам 800 , но има и некои кои сакаат да платат 900, што значи дека го изнајмува станот за 900 евра.

Wohnungsbau in München

Михнен - новоградби има премалку

Поради поголема побарувачка отколку понуда растат цените, а притоа никој не е директно одговорен“ . Тој затоа препорачува: „Да се гради повеќе. Има само едно решение: градење, градење, градење.“

Успех на староседелците

Погледот на пченкарното поле во Планег беше далеку поважно од изградбата на станови. Затоа 80 граѓани протестираа во месната заедница - успешно! Изградбата е одложена на неопределено време. Градоначалничката Анемари Деч признава дека староседелците имаат поголемо влијание од можните новодојденци. „Сметам дека ниту еден општински совет не е сосема слободен да размисли како ќе го прифати она што сега го нудам како прилог кон дискусијата, кога на грбот, како во случајов, му стојат 80 луѓе“, објаснува Деч.

Староседелците успеаја. Нема место за нови станови во Планег. На градоначалничката и‘ треба малку време пред да одговори на прашањето - „Што ќе му кажете тогаш на едно младо семејство кое тука бара простор за живеење?“ Слегнува со рамениците и одговара: „ Ќе морам да им кажам дека за жал немаме место, така е тоа.“

Наводно нема место. Така е тоа во големите градови. За да му се стави крај на недостатокот од живеалишта годишно треба да се градат по 195 илјади станови, пресмета Сојузниот институт за истражување на градовите. Меѓутоа, посебно во големите градови, изградбата е закочена.

Битката за Темпелхоф

Die große Weltausstellung 2012 The world is not fair Berlin Tempelhof Deutschland

Берлин - поранешниот аеродром Темпелхоф

На пример, Берлин. Би требало да се изградат илјадници нови станови. Но и тука се протестира. Станува збор за изградба на 4.500 станбени единици - на просторот на некогашниот градски аеродром Темпелхоф.

Притоа треба да се гради само на периферијата и останува многу слободен простор за одморање. И во Берлин недостасуваат станови, но тоа малку ги засега демонстрантите.

„Јас сум против градење, генерално на периферијата, зашто она што тука го гледаме е уникатно и го нема никаде во светот“, вели еден од нив. Друг пак се надоврзува: „Може по работата едноставно час или два да се прошета, да се возат ролерки, без прекини на секои 20 метри, поради излези од гаражи или семафори.“

Градење да, ама ве молиме не тука. Ова секојдневно го слуша берлинскиот сенатор за урбанизам Михаел Милер. Секогаш кога некаде сака да дозволи изградба на нови станови - избувнува протест.

„Ова што го доживуваме тука во Темпелхоф, за жал не е единствен случај, туку имаме бројни места во градот, каде инфраструктурните проекти севкупно, но особено изградбата на станови, се забавува или се попречува, каде станува конкретно и каде жителите се погодени. Сметам дека тоа е тешка ситуација бидејќи потребни се нови дополнителни станови во нашиот град“, вели Милер.

Кога протестот ќе ја запре изградбата се радуваат сопствениците и издавачите на станови, зашто кириите и вредноста на недвижностите и натаму расте. „Издавачите на станови профитираат, зашто кириите растат побрзо и сопствениците профитираат зашто станот во кој живеат станува повреден. Неградењето ги крева цените во недоглед“, објаснува истражувачот на пазарот на недвижности, Улрих Фајфер.

Богатите не сакаат да се мешаат

Deutschland Wohnungsbauprojekte

Келн - новоградба

Во ексклузивната населба Линдентал во Келн сопствениците профитираат од недостатокот на станбен простор. Вредноста на недвижностите порасна. Но сега тоа не сакаат сите да го прифатат. Католичката организација Каритас планира изградба во непосредна близина на типски куќи недостојни за ова фино друштво.

Еден сопственик на вила и неговите соборци гледаат опасност за вредноста на нивните домови. На чело на иницијативата со 200 членови е Конрад Аденауер, директен наследник на првиот сојузен канцелар. Нему во основа не му пречат новите куќи, но зошто токму мали куќи за луѓе кои не се толку богати?

„За нив се гради насекаде и може да се гради. Но ако се има вакво парче земја како тука, не смее да се распродава, тоа би било фатално, како за сопствениците, така и за градот Келн. Добрите парцели мора добро да се преградуваат, а помалку добрите малку поедноставно да се преградуваат. За секој паричник да се има соодветна куќа и земјиште, а не вештачки да се мешаат“, вели Аденауер, кој ја предводи иницијативата Декштајн- Хоенлинд.

Секој против секого, староседелците против новодојденците. Така кириите и натаму ќе растат. Виновни за тоа не се само лакомите трговци со недвижности, туку повеќе „милите“ сограѓани.