1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Отпорот на Србите од северно Косово

Србите од северот на Косово не сакаат да излезат на локалните избори. Доколку ги бојкотираат, тоа ќе претставува тежок удар за нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, пишуваат весниците на германски јазик.

Весникот „Ное цирхер цајтунг“ за моментално затегнатите односи меѓу Белград и претставниците на косовските Срби пишува: „И покрај притисокот од Белград, претставниците на населението од северот на Косово се изјаснија против излегување на локалните избори закажани за ноември. Одлуката е донесена едногласно. Тој потег за српскиот врв доаѓа во многу неповолен момент. Пред неколку дена претседателот Томислав Николиќ и шефот на владата Ивица Дачиќ ја примија делегацијата на градоначалници од северот на Косово и и' дадоа до знаење дека очекуваат населението да излезе на избори. Изборите секако ќе се одржат „со вас или без вас“, е нагласено. Тоа е условот за продолжување на процесот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина за што двете страни постигнаа договор во Брисел.
Имплементација на договорот е и условот за почеток на пристапните преговори на Србија со ЕУ. Претставниците на Србите од северно Косово критикуваат дека Белград косовските Срби ги жртвува за да може да пристапи во ЕУ. Тие го критикуваат и српскиот Уставен суд кој според нивно мислење одолговлекува да донесе одлука за нивната тужба против „Бриселскиот договор“.


За Оливер Ивановиќ, еден од ретките прагматични политичари на северот на Косово, одбивањето на косовските Срби да излезат на избори не претставува изненадување. Белград не се погрижи доволно за кусо време, односно од април од кога е потпишан договорот, на косовските Срби да им ги објасни неговите предности. „Не е доволно да се повикаат градоначалниците во Белград“, вели Ивановиќ. Тој смета дека е потребна се‘опфатна кампања и многу одделни разговори. Меѓутоа, за тоа не остана многу време. Рокот за регистрација на изборните листи истекува на почетокот на септември“, пишува весникот „Ное цирхер цајтунг“.
Признавањето на Косово е услов за членство
Швајцарскиот весник „Тагес-анцајгер“ во својот коментар го анализира пристапувањето на Србија во ЕУ:
„Србија може цврсто да смета дека задутре ќе добие симболичен наслов на земја кандидат. Но, до вистинскиот пристап на најголемата земја од поранешна Југославија и' претстои уште многу долг пат. Меѓу добивањето кандидатски статус и пристапувањето во ЕУ на Хрватска и' требаа 10 години. Во случајот за Србија тоа може да трае и подолго. Србија наскоро ќе ги започне пристапните преговори. До нивно завршување политичкиот врв во Белград ќе мора да ја прифати реалноста и да го признае Косово како независна држава. Таа цена ќе ја бара ЕУ од Србија како услов за членство“, пишува „Тагес-анцајгер“.