1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Отпорот на исламистите се уште трае

По нападот врз Црвената џамија во главниот град на Пакистан, Исламабад, бројот на жртвите и натаму не е познат.

default

Водачот на бунтот, Абдул Рашид Гази е мртов, отпорот на преживеаните трае

Според непотврдени информации, загинале најмалку 150 лица, додека службите за спасување велат дека владата побарала 800 сандуци. Меѓу убиените е и водачот на исламистите Абдул Рашид Гази.

Еден ден по нападот врз Црвената џамија, Исламабад се уште го потресуваат експлозии и истрели од зградите на сунитиското коранско училиште. Пакистанските специјалци и изутринава прават напори да го задушат и последниот отпор. Забарикадираните исламисти се уште држат како заложници повеќе жени и деца. Операцијата на пакистанската армија започна вчера пред изгрејсонце. Нападот траеше подолго и беше потежок од очекуваното. Тешко вооружените милитанти пружија жесток отпор, стрелајќи од сите страни, дури и од минарињата на џамијата.

„Јас сум борец„ се уште викаше овој ранет милитант кога беше уапсен. Силите за безбедност војуваа просторија по просторија во повеќекатната зграда. Претставникот на рамијата, генерал Вахед Аршад изјави:

„Многумина прашуваат зошто операцијата трае толку долго. Главна причина е нашиот обѕир кон жените и децата. И покрај сите настојувања тие да бидат пуштени за да се спасат животите на невините, милитантите не ги пуштија надвор„.

Меѓу загинатите инаку, е и радикалниот имам Абдул Рашид Гази кој важеше за лидер на движењето и бараше во Пакистан да се воспостави систем според примерот на соборените Талибанци во Авганистан. Неговото тело, според информациите на министерството за внатрешни работи, било најдено во подрумот на коранското училиште за жени. Тој до последниот момент одбиваше да се предаде. Атмосферата меѓу луѓето во Пакистан е поделена. Многумина бараа компромис за да се спречи крвопролевање:

„Гази е виновен. Место да биде тврдоглав, требаше да попушти. Од друга страна, ниту владата не смееше да ја нападне џамијата. Тоа е свето место. Обете страни требаше да преговараат„, вели еден жител на Исламабад.

На денот на нападот имаше малку реакции, но веќе се најавени протести за наредните денови. Невниот тек и обем ќе бидат сигнал за можните последици на драмата за пакистанскиот претседател Первез Мушараф.