1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Отпишаните живеат подолго

Ова се покажа како точно и во примерот со Меѓународниот монетарен фонд. Тој стануваше се` побезначаен, а да продолжеше ваквиот тренд со истото темпо, неговото постоење сигурно ќе беше загрозено. Што го промени ова?

default

Се зголемуваат резервите на ММФ

„ММФ се враќа во бизнисот“, вели неговиот директор, поранешниот француски министер за финансии Доминик Штраус-Кан. Како резултат на финансиската криза, веќе се доделени кредити во висина од повеќе од сто милијарди долари на земји со акутни проблеми со платежниот биланс. Меѓу првите земји што склучија аранжман со ММФ се вброи Исланд, на чие стопанство му се закануваше банкрот, по пропаѓањето на неколку големи банки. Мексико го доби досега најголемиот кредит што го дал ММФ, тежок 47 милијарди долари; Полска доби 20 милијарди. Потоа следуваа Белорусија, Летонија, Унгарија, Пакистан, Србија и Украина. Но, и земји како Турција, Романија, Монголија и Бугарија му се обратија за помош на ММФ, а се очекува и други земји да го сторат истото.

Директорот на Фондот, Штраус-Кан, заклучува: „Стигмата, што порано толку многу ги оптоваруваше преговорите за кредитен аранжман со ММФ, сега полека се разбива - иако само делумно, но и тоа е доволно за почеток. Се пробива сознанието дека соработката со ММФ е од помош за државите-членки на Фондот.“

Позајмиците повторно популарни

Symbolbild Inflation Geld Einkauf

ММФ им пружа „прва помош“ на земјите пред банкрот

А, за тоа Фондот треба да и` биде благодарен на финансиската криза, бидејќи поради неа повторно се разработе традиционалниот бизнис на позајмување. ММФ станува повторно баран, и тоа не само за пари, туку и за совет. На државите ширум светот почнаа да им се закануваат државни банкроти и кризи на валутите, и тоа во размер што далеку ги преминува финансиските можности на Фондот. Затоа шефовите на држави и влади од групата дваесет најразвиени и земји во подем, на самитот во Лондон во април, одлучија драстично да ги зголемат финансиските средства со кои располага ММФ - од досегашните 250 милијарди долари на 500 милијарди. Понатаму, ММФ треба да има 750 милијарди долари финансиски резерви, а крајната цел е на располагање да му стојат 1000 милијарди долари. Ова повторно ќе го направи Фондот способен да делува.

Директорот Штраус-Кан објаснува: „Сметам дека ММФ си ја врши својата задача, симболично кажано, да биде пожарникар кој во кризни времиња ја игра најважната улога. Моментално располагаме со двојно повеќе средства отколку што имавме во последната финансиска криза, што беше одлучено од земјите на Г-20. Средствата ги добиваме од централните банки на земјите-членки. Ако треба да даваме повеќе кредити, треба да имаме и поголеми ресурси“.

Неочекувана ренесанса

Deutschland Haushalt Steuerschätzung Symbolbild

ММФ ќе им помогне на државните каси

Со поголемите финансиски резерви на ММФ ќе се овозможи покривање на дупките во националните буџети на земјите, што настануваат поради пад на извозот, поради тоа што треба да се исплаќаат други кредити, или, пак, поради тоа што изостануваат даночните приходи од приватното стопанство. Турција, на пример, следната година треба да исплати странски кредити во висина до педесет милијарди доалри. Бидејќи земјата не може да ги заработи овие пари на меѓународните пазари на капитал, единствениот излез и` е ММФ. Слична е ситуацијата и со многу други источноевропски земји.

Светската економска и финансиска криза придонесе за навистина неочекувана ренесанса на ММФ. Кога земјите веќе немаат друг избор - тука е Фондот. Директорот Штраус Кан вели: „За мене се` е подеднакво важно: и навременото алармирање, и добрите совети, и препознавањето на ризиците во иднина. И истовремно советување на владите како да се справат со ризиците следната година. Тоа е нашата улога. Исто така, сметам дека улогата на ММФ е да ја каже вистината, онака како што Фондот ја гледа“.

Автор: Карл Завадски / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска