1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Отпадна голема офанзива на турската армија во северен Ирак

По посетата на турскиот премиер Ердоан на САД, борбата против борците на Курдската работничка партија ПКК, судејќи според се’, ќе се одвива со брзи удари против точно лоцирани групи и бази на ПКК.

default

Подршка од Џорџ Буш за Реџеп Таип Ердоан, но само за воени акции од ограничени размери во северен Ирак

Решението за натамошните постапки против терористите е донесено, рече вчера турксиот претседател Абдула Ѓул без да наведе детали. Премиерот Реџеп Таип Ердоан искажа задоволство од резултатите на разговорите со американскиот претседател Џорџ Буш, велејќи дека го добил она што го посакувал. Тоа веројатно се однесува на ветената американска подршка за воени операции од ограничени размери против борците на ПКК во северен Ирак.

Уште во Вашингтон Ердоан изјави: “Дојдовме до точка во која во борбата против сепаратистичката терористичка организација сакаме да го направиме и ќе го направиме она што ни го дозволува меѓународното право”.

Опозицијата ги повтори познатите прекори дека владата не дејствува доволно решително против ПКК, но најголемиот дел од набљудувачите, сепак, поинаку гледа на работите. Договорената соработка на тајните служби, според нивна оценка, е голем напредок.

Новинарите претпоставуваат дека во наредниот период работите би можеле вака да се одвиваат: САД со шпионски сателити и извидувачки авиони ќе го набљудуваат движењето на борци на ПКК. Податоците веднаш ќе и’ бидат пренесени на турската армија и по само неколки минути турски командоси со борбени авиони и хеликоптери ќе извршат напад. Веднаш по извршената задача, тие се враќаат назад во Турција. Во секој случај, не би требало да има навлегување на турски копнени трупи во северен Ирак.

Томас Борман, Истанбул