1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Откриени 13 напаѓачи во инцидентите во скопските автобуси

Македонското министерство за внатрешни работи денеска (19.11) соопшти дека се фатени напаѓачите во два од трите насилни инциденти во автобуси на ЈСП Скопје , додека пак насилството во Стајковци сѐ уште се расветлува.

Македонската полицијата уапсила 13 малолетници осомничени дека учествувале во два напади во автобуси на ЈСП Скопје. Инцидентот што се случи во четвртокот минатата недела (14.11) во Стајковци сѐ уште не е расветлен. „По преземените мерки и дејства за откривање на сторителите, извршените разговори и препознавање на лица, осомничени се вкупно 13 малолетници, со што бројот на малолетници кои годинава се откриени и санкционирани заради учества во инциденти се искачи на 150 лица“, соопшти денеска МВР.

Осум малолетници од Скопје, селото Батинци, Грчец и Студеничани го нападнале 17-годишниот ученик на улицата „Трета македонска бригада“ во автобус на ЈСП број 33. Без повод и причина го нападнале со тупаници по телото, по што малолетникот завршил во болница.

Другиот инцидент се случил во петокот во автобус на ЈСП број 7, кога поголема група нападнала 15-годишен ученик, повторно без повод и причина. Го удирале со боксови во пределот на главата и рацете, а за овој напад осомничени се петмина малолетници од Скопје, Арачиново, Студеничани и од Рашче.

Двајца од напаѓачите учествувале во двата инцидента, а повеќето од нив ѝ се познати на полицијата и против нив досега се поднесени пријави за кривични дела поврзани со насилство.

Од министерството соопштуваат дека интензивно работат на расветлување на инцидентот што се случи во автобусот на ЈСП број 65 во село Стајковци. Во четвртокот вечерта 10-15 лица маскирани со шалови и со метални шипки нападнаа повеќе патници, а неколкумина малолетници завршија во болница.

Поврзана содржина